Во Македонскиот народен театар вчеравечер се одржа свечен настан по повод одбележувањето на значајниот јубилеј – 30 години од воспоставувањето дипломатски односи меѓу РС Македонија и Јапонија. Пред присутните гости, дипломатскиот кор, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и комесарот за културна соработка на Јапонија, Шуничи Токура, се обрати министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој изрази уверување дека и во иднина, низ заеднички дијалог и соработка, ќе работиме на континуитетот и желбата заеднички да ја градиме понатамошната културна соработка меѓу РС Македонија и Јапонија.
„Комесарот Токура, од земјата на изгрејсонцето, денес е драг гостин во земјата на сонцето, меѓу пријатели, меѓу свои, меѓу луѓе што исклучително високо ја ценат и ја вреднуваат јапонската култура“, рече министерот Љутков, изразувајќи благодарност за донациите во културата од Јапонија, кои се знак на пријателство и се драгоцен придонес за развој на македонската култура и зацврстување на меѓусебните односи.
Како што информираат од амбасадата, министерот Љутков го истакнал значењето на потпишаниот Меморандум за соработка, кој ќе донесе интензивирање на соработката во културата меѓу двете држави, на соработката во рамките на проектите од УНЕСКО и во филмската дејност.
„Македонија учествува на „ЕКСПО ОСАКА 2025“ со изложбата на проектот на Кензо Танге за реконструкција на централното подрачје на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Искрено сметам дека токму ова се навистина гестови на меѓусебна доверба и пријателство кои и во иднина очекуваме да се надградуваат и дополнително да ги зацврствуваат културните врски што постојат меѓу нашите две пријателски земји“, рече министерот Љутков на свеченоста во МНТ.
Свеченоста продолжила со концерт на Националниот џез-оркестар, кој извел композиции инспирирани од македонското изворно творештво, како и авторска композиција на гостинот Нобуо Ватанабе од Јапонија.
