Свечено отворено 56.издание на фестивалот „Војдан Чернодрински“

Фото: 56 Македонски театарски фестивал ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ

Со доделувањето на наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска, доајен на Tурскиот театар и на драмскиот писател Русомир Богдановски и со првата претстава во конкуренција „Народен непријател“ на МНТ, синоќа во ЦК. „Марко Цепенков“ свечено беше отворен  56. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“.

На свечената церемонија пред публиката се обрати уметничката директорка на фестивалот Катарина Коцевска Хаџи Василева со порака дека ништо не може да го замени чудото на уметноста во живо.

„Посебна е радоста да се види полна сала публика. Ланскиот фестивал беше во вонреден термин, ама мораше со 30% гости поради ковид-протоколите. Тоа беше тажно и за нас, актерите. Театарот дише со публиката, ја чувствува таа силна размена на енергија и тоа на актерите им дава радост, мотив за играта. Ништо не може да го замени чудото на уметност во живо. Овој фестивал е најголемиот театарски фестивал кај нас, Опстои 56 години токму поради вас, публиката. Еден светски автор вели: морате да верувате дека вашата работа некого ќе го израдува, и дека тој некој, кога ќе излегува од театарот ќе биде поубав од пред да влезе да ја гледа вашата претстава. И ако помисли дека многу беше добро, Вие сте направиле чудо. Сте создале нов човек кој за миг доживеал малку среќа во свет на сопствена и планетарна депресија3, рече Коцевска Хаџи Василева.

Фестивалот го отвори градоначалникот на Прилеп, Борче Јовчески, кој воедно им ги додели наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска и драматургот Русомир Богдановски.

„Од вечерва ќе имаме можност да уживаме во симбиозата на најактуелното во театарот во земјава, театарот кој е извор на инспирација и затоа не сплотува. Со претставите што ќе ги гледаме, кои се пресек на актуелниот театарски миг низ кој минуваше македонскиот театар со пандемијата од ковид 19, ќе добиеме различни пораки. Актуелни, вонвременски, кои не се сомневам дека маестрално ќе ни ги пренесат годинашните учесници кои го создаваат драмското дело. Фестивалот „Војдан Чернодрински“ е насушна потреба не само за градот, туку и за Македонија, бидејќи ја отсликува потребата од идентификација на културата и традицијата. Фестивалот е бренд за Прилеп“, рече Јовчески.

Вечерва на официјалниот дел од програмата на Фестивалот е „My name is Goran Stefanovski“ Драмски театар од Скопје со почетокот во 19 часот. Режисер на претставата е Црногорецот Бранислав Миќуновиќ.