fbpx

Свечено одбележана заедничката операција на ФРОНТЕКС во С. Македонија

-

Речиси целиот државен врв присуствуваше на денешното свечено одбележување на почетокот на „Заедничката операција на ФРОНТЕКС во Република Северна Македонија“, како дел од Договорот за оперативни активности спроведени од Aгенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Премиерот Димитар Ковачевски имаше воведно обраќање, а домаќини на настанот во полицискиот тренинг центар во Ѓорче Петров, Скопје беа министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс.

На церемонијата обраќања имаа и евроамбасасодот Дејвид Гир, членот на Европскиот парламент Лена Дупонт, со видео обраќање се јави ЕУ комесарот за внатрешни работи Илва Јохансон, а присуствуваа гости од Владата, дипломатскиот кор и од европските институции.

Собранието на 13 февруари годинава го ратификуваше договорот со Агенцијата за европска гранична и крајбрежна стража ФРОНТЕКС.

Фото: Влада на РСМ

„Горди сме како нација што овој Договор е прв потпишан договор со Европската унија, на македонски јазик, без додавки, фусноти и ѕвездички, што е доказ за заштита на македонскиот јазик и македонскиот идентитет, коишто, со овој документ, се поставени на европско рамниште, заедно со сите други јазици и идентитети на земјите членки на ЕУ“, рече Ковачевски.

Според него, ФРОНТЕКС значи заштита на границите на државата, заштита на територијалниот интегритет и суверенитет, навремен одговор за сите безбедносни ризици по нашата земја, контрола на миграциските движења, справување со меѓународниот криминал, можности за примена на професионални европски стандарди и зачувување на меѓународниот мир и безбедност.

Фото: Влада на РСМ

Полициските службеници од С. Македонија и ФРОНТЕКС ќе имаат заедничка операција на македонско-грчката граница, односно над 100 европски гранични полициски службеници ќе работат заедно со македонската гранична полиција на надгледување и проверки на границата, патролирање и собирање информации за прекуграничниот криминал.

Македонија е петтата држава надвор од Европската Унија која е домаќин на ваква заедничка операција, со прв потпишан договор во регионот на Западен Балкан согласно новиот, зајакнат мандат на ФРОНТЕКС.

„Ова е уште еден позитивен развој во односите помеѓу Европската Унија и Северна Македонија. Во пракса, благодарение на оваа заедничка соработка помеѓу ФРОНТЕКС и граничната полиција, границите на Република Северна Македонија ќе бидат побезбедни, а напорите на Европа за борба со илегалната миграција, криумчарењето мигранти и други криминални активности ќе бидат засилени, што е заеднички интерес на сите нас“, рече евроамбасадорот Гир.

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски рече дека овој заеднички настан со ФРОНТЕКС испраќа една многу важна порака – дека не сме сами во справувањето со илегалната миграција, а современите безбедносни предизвици бараат партнерски пристап и заеднички одговор.

Фото: Влада на РСМ

„Зајакнувањето на соработката со Европската Унија и, воопшто, исполнувањето на приоритетите од европската агенда носат конкретен бенефит за нашите граѓани. Бидејќи нашата заедничка посветеност во справувањето со илегалната миграција и прекуграничниот криминал неминовно ќе обезбеди поголема безбедност како за граѓаните на нашата држава, така и на Европската Унија. Во оваа заедничка акција чекориме заедно, како рамноправни партнери, бидејќи единствено со заеднички, координиран пристап можеме успешно да се справиме со глобалните предизвици“, истакна министерот Спасовски.

За извршниот директор на ФРОНТЕКС, Ханс Лајтенс, денешниот ден претставува значајна позитивна пресвртница.

„Овде најдовме посветен партнер кој ја дели нашата посветеност на одржување на интегритетот на нашите граници. Заедно ќе работиме неуморно за заштита на нашите граѓани и да обезбедиме безбедност и сигурност за целиот регион“, вели Лајтенс.

Операциите на ФРОНТЕКС првично ќе ја покриваат јужната граница со Република Грција. Подоцна е предвидено да се прошират, така што се очекува да ги опфатат границите и со Република Србија и Република Албанија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...