fbpx

Сузбиена криминална група за криумчарење мигранти, од слобода лишени 6 лица

-

Под ракодство на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе и Одделот за специјални и посебни операции на СВР Скопје и СВР Струмица, денеска се спроведе координирана полициска операција за сузбивање на организирана криминална група за криумчарење мигранти.

Биле извршени претреси во објекти на 11 локации на подрачјето на Велес, Скопје, Штип, Струмица и Валандово и притоа од слобода се лишени шест лица, а се преземаат мерки за приведување на уште три лица. Четири члена на криминалната група веќе издржуваат мерка затвор, за претходно сторени кривични дела „криумчарење мигранти“.

„Криминалната група која функционирала под строга хиерархиска поставеност, ја предводел 33 годишен велешанец. Тој заедно со две лица од земјите од Блискиот Исток, организирале криминална група во нашата држава и криумчареле мигранти. Мигрантите, по потекло од Авганистан, Пакистан, Сирија, Бангладеш и други земји од Блискиот и Средниот Исток, илегално биле префрлани од Грција на територијата на Р.С.Македонија“, се вели во соопштението на ОЈО ГОКК.

Се додава дека, при криумчарењето се користеле илегални премини на т.н. „зелена граница“ во околината на Гевгелија, Струмица и Демир Капија, а оттаму со помош на водичи т.н. „качаци“, координирано жртвите се носеле на претходно утврдени и договорени локации.

„Организаторот и членовите на криминалната група го договарале преземањето на мигрантите од овие локации и со патнички и товарни моторни возила ги превезувале до локации во Кумановско-липковскиот регион, каде мигрантите биле прифаќани и времено сместувани и засолнувани. Понатаму, тие биле криумчарени преку Србија, кон државите на ЕУ. Паричните средства за транспорт на мигрантите од 500 до 700 евра по лице, биле исплаќани преку агенти за брз трансфер на пари или во готовина“, информира ОЈО ГОКК.

Надлежен обвинител од ОЈО ГОКК, по добивањето на кривичната пријава, во текот на денешниот ден, до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, ќе достави предлог за определување на мерка притвор за осомничените.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Млади ќе креираат стрипови за меѓуетнички дијалог и борба против дискриминација

Стрип центарот на Македонија од Велес започна со имплементација на проектот „Да и дадеме шанса на инклузијата“ од вториот отворен повик на Младинскиот меѓукултурен уметнички фонд во рамки на...