„Суперцрв“ што јаде пластика може да помогне во решавањето на глобалната криза со отпадот

The original uploader was Evanherk at Dutch Wikipedia., CC BY-SA 3.0, via Wikimedia Commons

Научниците ширум светот се обидуваат да пронајдат бактерии и инсекти кои јадат ѓубре, а црв што јаде стиропор е нивното најново откритие, пренесува „Вашингтон Пост“.

Во труд објавен во списанието „Microbial Genomics“, научници од Универзитетот во Квинсленд, Австралија покажале дека ларвите на инсектот наречен „zophobas morio“ можат да преживеат само на полистирен, познат и како стиропор. Оваа ларва со големина на спојувалка за хартија, уште позната и како „суперцрв“, може да преживее од материјалот што го сочинува стиропорот, а со тоа би можела да го трансформира начинот на кој менаџерите со отпад ја отстрануваат една од најчестите компоненти на депониите, потенцијално забавувајќи ја растечката криза со ѓубрето што ги влошува климатските промени.

Наодите доаѓаат во време кога се спроведуваат голем број истражувања за начините на кои бактериите и другите организми можат да консумираат пластични материјали, како што се стиропорот и шишињата за пиење.

Истражувачите сега ќе ги проучуваат ензимите кои му овозможуваат на суперцрвот да го вари стиропорот, барајчи начини да ги трансформираат наодите во комерцијален производ.

„Повеќе навистина не можете да избегате од пластиката – пластичниот отпад е насекаде. Ова е дефинитивно нов, веројатно подобар, еколошки начин да се уништи“, вели Кристијан Ринке, ко-автор на студијата.

Секоја година половина од целата пластика дизајнирана за еднократна употреба, вклучувајќи шишиња, чаши и ќеси за пазарење, станува ѓубре на депониите и полека се распаѓа додека испушта штетни стакленички гасови. Според Програмата за животна средина на ОН, повеќе од 14 милиони тони завршуваат во водата секоја година, убивајќи животни и деградирајќи ги подводните живеалишта.

Полистиренот или стиропорот е густ и зафаќа многу простор, па неговото складирање во капацитетите за управување со отпад чини многу. Од друга страна, за да се распадне може да бидат потребни и до 500 години.

За да ја спроведат студијата, истражувачкиот тим од Австралија ги хранел суперцрвите со три посебни диети. На една група инсекти им бил даден здрав раствор од трици, на втората група им дале полистирен, додека третата група инсекти биле ставени на гладување.

Истражувањето покажало дека 90 отсто од ларвите што јаделе трици станале бубачки, во споредба со речиси 66 отсто од групата на која ѝ дале полистирен и 10 отсто од оние кои биле принудени да гладуваат. Ова им покажало на истражувачите дека суперцрвите имаат ензими во нивните црева кои можат ефикасно да го сварат стиропорот. Доколку истражувањето се покаже успешно, авторите велат дека ќе се фокусираат на производство на ензимот, наместо на фармите за одгледување на суперцрви.

Покрај новооткриената ларва која може да живее од стиропор, досега се познати уште неколку бактерии и инсекти кои можат да јадат пластика.

Во 2015 година, истражувачи од Универзитетот Стенфорд открија дека и обоените црви можат да преживеат на стиропор. Следната година јапонски научници пронајдоа бактерии кои можат да јадат пластични шишиња, додека во април годинава истражувачи од Универзитетот во Тексас пронајдоа ензим кој може да вари полиетилен терефталат, пластична смола што се наоѓа во облеката и пакувањата за храна и течности.