Годинава ќе се изградат нови 80 километри гасовод, за што обезбедивме околу 40 милиони евра. Приоритет за владата е да се обезбеди дотур на гас до секоја општина, објави министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, по средбата со директорот на Македонски енергетски ресурси (МЕР) Благојче Котески.

На средбата директорот го информирал министерот за динамиката на изградба на делниците Неготино – Битола и Скопје – Гостивар, како и за можностите за интерконекција со Грција и Бугарија.

– Гасификацијата е врвен приоритет на Владата и ќе продолжиме интензивно да работиме да обезбедиме цевки со гас до секоја општина. На одредени траси имаме проблеми со експропријацијата, но се работи на терен и верувам дека во следниот период ќе ги надминеме сите вакви ситуации за да можеме ефикасно да продолжиме со изградбата. Интензивно работиме на разрешување на имотно правните работи за експропријацијата и на двете делници и тоа делницата Неготино – Битола која очекуваме да биде завршена во 2020 година, како и на делницата Скопје-Тетово-Гостивар која очекуваме да биде готова крајот на 2019 година – вели Сугарески.