2024 година го затекна судството во Македонија во многу лоша состојба и потонато во провалија. Судскиот совет и тој на обвинителите се пред колапс и партизација, функционерите повеќе се казнуваат од меѓународните отколку од судовите во земјава, а промената на власта се чини дека ги „охрабри“ обвинителите да извадат од фиоки некои предмети за поранешните функционери на ДУИ и СДСМ, пишува Порталб.мк.
Судски совет: Од лошо на полошо
Првиот месец од годинава даде лажна надеж за подобрувања во Судскиот совет. Враќањето на Весна Дамева на чело на оваа институција по незаконското разрешување беше поздравено од граѓаните и меѓународните институции.
И холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп, изјави дека по овој гест оваа институција повторно може да смета на поддршка од Холандија, бидејќи претходно најави дека повеќе нема да ја поддржуваат поради лошото функционирање.
За да помогне во овој процес во Македонија пристигна тим од меѓународни експерти, познати како мисија за оценување на работата на Судскиот совет. Тие кажаа отворено: Оваа институција не може да ги заштити ниту судиите, ниту себе си.
Оставија како аманет еден документ од 33 страници со 40 препораки. Денес најголемиот дел од препораките воопшто не се исполнети додека институцијата е без лидер откако Дамева си замина поради, како што рече, „политички притисок“, се разрешуваат членовите што ги назначува Собранието, а политичарите прават планови за целосна реформа на овој совет.
Но, додека партиите на власт ги „готват“ реформите во Судскиот совет, тој продолжува да се полни со луѓе блиски на ВМРО. На пример, пред неколку дена за член беше избрана сопругата на градоначалник на општина од ВМРО, Данка Ристова.
Потсетуваме дека и покрај тоа што беше утврдено дека судијата сега веќе нон-грата Енвер Беџети предметот за Сашо Мијалков го чувал во фиока до застарување, Судскиот совет му изрече смешна казна, со одземање на неколку пари од месечната плата.
Совет на јавни обвинители: Корумпираниот член се менува со партиски член
Без многу врева, но со многу скандали, Советот на јавни обвинители ја почна и ја заврши 2024-та година. За прв пат припадник на оваа институција која треба да ја гарантира правдата е фатен како се пазари.
Иџет Мемети лажно ветил дека ќе влијае и ќе му даде олеснување на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, во случајот со шверц на марихуана. Тој го призна делото, поднесе оставка од советот и беше осуден на 1 година условно.
Експертите го оценија како скандалозен фактот што толку ниска казна доби Иџет Мемети, кој беше и народен правобранител предложен од ДУИ. Тоа имаше ефект да се намали и така малата довербата на граѓаните во судството.
Но, за скандалот да се продлабочи уште повеќе, на местото на Иџет Мемети дојде сопартиецот на Изет Меџити, Ардиан Демири. Овој е партиски функционер на ВЛЕН, а Изет Меџити тоа воопшто не го криел и на социјалните мрежи објавил фотографии со него.
Ардијан Демири беше изгласан со мнозинство гласови во Собранието на Северна Македонија. Обвинителството не е ниту добро опремено, според една анализа, во просек секоја година секој јавен обвинител работел на околу 180 нови предмети.
Уставниот суд доби перцепција на „реализатор“ на програмата на ВМРО
Уставниот суд само неколку месеци откако со државата почна да владее ВМРО, партијата која јавно се искажуваше (дури и во предизборната програма) против балансерот, го стави на дневен ред и го укина инструментот што ја балансираше етничката застапеност во државната администрација.
Најголема мака за првиот човек на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, очигледно беше перцепцијата на масата дека оваа одлука е донесена во координација со политиката, па најголемиот дел од прес-конференцијата го мина обидувајќи се да ги убеди новинарите дека при донесување на оваа одлука не бил под влијание. Малкумина поверуваа во тоа.
Со доаѓањето на ВМРО на власт, Уставниот суд истотака се „осмели“ да го извади од фиока еден од најстарите предмети на овој суд, каде страна е и партијата на власт, ВМРО, оној на законот за употребата на јазиците.
На 11 декември, под протестните звуци на Европскиот фронт, овој суд одлучи на тоа рочиште да не одлучува за судбината на овој закон, туку да закаже подготвително рочиште на кое ќе се земе мислење од експерти што треба да се направи.
Уставен суд
„Јавна тајна“ крадењето на неколку политичари, но малку или воопшто не беа казнети оваа година
Годинава почна со настапување на застареност на судскиот предмет „Моќник“ каде меѓу другите е обвинет и Антонио Милошоски од ВМРО за кривичното дело „измама“. На застареноста помогнаа скандалозните измени на Кривичниот законик.
Во 2024 година завршија и десетици судски постапки против поранешниот началник на тајната полиција Сашо Мијалков, кој беше прогласен за невин во случајот „Трезор“ каде беше обвинет дека незаконски нарачувал опрема за следење за Министерството за внатрешни работи.
Обвиненија во изобилие, но никако да биде казнет и градоначалникот на општина Струга, Рамис Мерко. Тој пред неколку дена ја прими 13-тата пријава за сторени вкупно 20 кривични дела. На предлог на обвинителството на Мерко му е одземен пасошот и моментално е под мерки на претпазливост.
Неколку дена откако се најде на американската црна листа, обвинителството поднесе обвинение против поранешниот вицепремиер Артан Груби за злоупотреби во Државната лотарија. Тој моментално е во бегство додека против него е распишана меѓународна потерница.
За потенцијално нелегално богатење годинава многу се зборуваше и за роднините на првиот човек на ДУИ, Али Ахмети. На пример, внукот на Ахмети, Дрин Ахмети, во своите 20-ти години успеа да стане сопственик на трговскиот центар „Соравија“ во Скопје. Обвинителството на земјата во ноември побара помош од САД за да истражи некои од неговите трансакции.
Во последните денови и обвинителството во земјава очигледно е ставено во движење. Обвиненија за злоупотреба на службената положба има и против поранешните директори на ЕСМ, Адријан Муча и Васко Ковачевски, поранешните директори на Центарот за култура во Тетово, Хаки Фазлиу и Артан Арслани.
Не го изгубивме статусот „хибридна држава“: Многу критики за судството, во секој извештај
Македонија успеа да го „одржи“ статусот на хибриден режим и во последниот извештај на Фридом Хаус. Покрај значителниот пад во секој сектор, во овој извештај се наведува дека Македонија „е предадена на високата корупција“.
Остри критики за Македонија имаше и во последниот извештај на Европската комисија во делот на судството. Таму, меѓу другото, се вели дека сериозно загрижува независноста на судството и институционалниот капацитет да се заштити од неправедното влијание.
Нивото на согледана независност на судството е многу ниско, се посочува во извештајот. Останува загриженоста за функционирањето и независноста на Судскиот совет, а се преземени чекори во оваа насока. Одлуките за именување јавни обвинители и судии беа критикувани од граѓанското општество дека не се сеопфатно мотивирани или засновани на објективни критериуми.
Според последните истражувања на јавното мислење, довербата во судството е намалена на 2 отсто, што е најниско ниво од независноста на земјата во 1991 година.