Фото: Арбнора Мемети

Денеска на сила стапува Законот за изменување и дополнување на Законот за судски такси, со кој граѓаните добиваат големо намалување на трошоците кои ги имаат во судовите, информираше на денешната прес-конференција министерот за правда Бојан Маричиќ.

„Судските такси се значително намалени. Ако во минатото тие можеа да изнесуваат и до 48.000 денари, сега нема да платите повеќе од 6.000 денари. Трошоците за судските такси во првостепена постапка ќе се движат од 480 до најмногу 6.000 денари, во зависност од вредноста на спорот“, изјави тој.

Тој изнесе соодветен пример, па така кога се работи за долг од 15.000 евра, граѓаните можат да почнат парничка постапка на суд, а судската такса би била 2 отсто од вредноста на спорот. По старата такса, граѓанинот би платил 18.600 денари судска такса, додека по новата само 6.000 денари.

„Очекуваме ваквите промени да бидат во интерес и на адвокатите и вештаците, бидејќи граѓаните ќе бидат охрабрени по судски пат да стигнат до правдата“, изјави министерот Маричиќ.

Тој појасни дека ова ветување било наведено во „Програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија 2020-2024” како еден од клучните стратешки приоритети во обезбедувањето на функционална правна држава.