Фото: Арбнора Мемети

Судскиот совет на денешната седница ја разреши поранешната в.д. претседателка на Основниот кривичен суд и актуелна судијка Татјана Михајлова поради нестручно и несовесно работење.

Поради тајноста на постапката, претседателот на Судскиот совет Киро Здравев, изјави дека е разрешена поради кршење на Судскиот деловник во врска со системот за автоматска распределба на судските предмети (АКМИС).

Постапката траела година и пол, зашто таа не доаѓала на седниците за нејзино „сослушување“ во Советот.

Судијката Татјана Михајлова поднесе оставка од функцијата в.д. претседател на најголемиот и најважниот суд во државата, Основниот суд Скопје 1 на 7 март во 2017 година. Неофицијално тоа го сторила затоа што Врховниот суд поништи седум од осумте прераспоредувања што таа ги потпиша.

Михајлова беше позната по контроверзните одлуки како судијка во случајот на Специјалното јавно обвинителство за настаните пред Општина Центар, во јавноста познат како „Шамари“, а во кој обвинет е поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.