Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија, во врска со Решението на Уставниот суд И.бр.1/2026 и реакциите што тоа ги предизвика во јавноста, смета за потребно да укажат на неколку принципиелни прашања од значење за независноста на судската власт и владеењето на правото.

„Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија го почитуваат уставниот статус на Уставниот суд и принципот дека неговите одлуки се конечни и извршни и дека надлежните државни органи се должни да постапуваат во согласност со обврските што произлегуваат од нив. Истовремено, еднакво значајно е почитувањето на уставно загарантираната самостојност и независност на судовите, законски уредениот тек на судските постапки и правото на користење на предвидените правни лекови,“ велат Судскиот совет и Здружението на судиите на Република Северна Македонија

Во конкретниот случај за новинарката Наташа Стојановска велат дека Решението П4-240/22 од 4 мај 2026 година на Основниот граѓански суд Скопје не е правосилно и против него е изјавена жалба за која треба да одлучува надлежниот второстепен суд.

„Оттука, постапката сè уште е во тек, а оценката на законитоста на првостепената одлука му припаѓа само на надлежниот второстепен суд. Во такви околности, Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија сметаат дека секое институционално постапување поврзано со конкретната неправосилна судска одлука бара особена внимателност и воздржаност, за да не се создаде впечаток на прејудицирање на исходот од постапката или на притисок врз судиите кои одлучуваат во конкретниот предмет“ велат восоопштението.

Додаваат дека функцијата на судовите не се состои во извршување на одлуки на други државни органи, туку во самостојно и независно судење врз основа на Уставот, законите и ратификуваните меѓународни договори. Оттука, ниту еден орган, без оглед на неговата уставна положба, не може да определува или да прејудицира каква одлука треба да донесе судот во конкретен предмет.

Судскиот совет на Република Северна Македонија и Здружение на судиите на Република Северна Македонија остануваат цврсто определено за доследно почитување на Уставот, законите и одлуките на Уставниот суд, но и за бескомпромисна заштита на независноста на судската власт, правото на правично судење и непреченото функционирање на системот на правни лекови.