fbpx

Судска ферија – предметите на СЈО на стенд-бај до 3 мај

-

Во зовриена политичка атмосфера, која никако не губи интензитет, судиите и главните судски инстанци ги ставија на стенд-бај клучните судења и седници, а деновиве како да си дадоа ферија со спојување на велигденските празници и на Први мај.

Уставниот суд за оваа недела, односно за денеска нема закажано седница, а засега нема објавено агенда ниту за седница за следната недела.

Врховниот суд вчера ја одложи седницата на која требаше да се расправа и да се решава по рефератите на претседателот на судот, Јово Вангеловски, со кои се проблематизира користењето на прислушуваните разговори како докази во судските постапки и дали Специјалното јавно обвинителство може да поднесува барања за заштита на законитоста или тоа право ексклузивно му припаѓа на Јавното обвинителство на Марко Зврлевски.

Причина за одложувањето, наводно, е боледувањето на кое заминале дел од судиите.

По пауза од еден и пол месец, во првите денови од мај на обвинителна клупа еден по друг повторно треба да седнат лидерите на двете најголеми политички партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, Никола Груевски и Зоран Заев, во случаите што се водат против нив во Кривичниот суд во Скопје.

За првата недела е закажано и судењето на поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, осомничен во случајот „Тврдина 2“ на СЈО.

Ниту за еден од овие три случаи досега не е почнат официјален судски процес, а досегашните рочишта редовно се одложуваат.

  • 3 мај – Закажано е рочиште за насилствата пред Општина Центар од јуни 2013 година, за кои меѓу 14 обвинети е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Претходното рочиште, кое се одложи, беше на 10 март, но во судницата не се појавија ниту Груевски, ниту другите обвинети. Објаснувањето на адвокатот на Груевски, Никола Додевски, беше дека неговите клиенти не се појавиле бидејќи има решение со кое Советот на јавни обвинители бара промена на обвинителот во случајот, односно на обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи;
  • 4 мај – Закажно е рочиште за случајот „Поткуп“, во кој обвинет е лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Претходното рочиште се одржа на 3 април, на кое судијката Дијана Груевска-Илиевска го прифати барањето на одбраната на Заев, Обвинителството за организиран криминал и корупција да им достави копии од доказите во случајот;
  • 5 мај – Закажано е рочиште за случајот „Тврдина 2“ против поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски, и уште шестмина вработени во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Претходното рочиште беше одложено бидејќи судијката Лидија Петровска, позната како „сваровски-судијката“, беше на боледување. Обвинителката на СЈО, Ленче Ристоска, тогаш изјави дека успеале да добијат решенија за декласификација на голем дел од доказите, како што бара Петровска.

Од судењата за кои владее интерес во јавноста, единствено активно е и тече со набиена агенда тоа за настаните во Диво Насеље во Куманово од 9 и 10 мај 2015 година. Покрај денешното, до крајот на овој месец за тој случај се закажани рочишта за 21, 25 и 27 април.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Тенденциозно и без докази се обвинува дека Украина и Западот стојат зад терористичкиот напад во Москва

Одговорноста за нападот во Москва ја презеде милитантната група Исламска држава (ИСИС). Ден по нападот, на 23 март, ИСИС објави фотографија од четворицата напаѓачи. На 24 март, пак, ИСИС...