fbpx

Судовите од денеска ќе издаваат потврда за неосудуваност по електронски пат

-

За подигањето на потврда за неосудуваност и слични документи во хартиена форма од денеска нема да биде потребно задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.

Премиерот Зоран Заев, заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ и претседателот на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, денеска одржаа заедничка прес-конференција на која ги претставија резултатите од процесот на системска дигитализација на судството.

„На овој начин граѓаните заштедуваат време и пари. Нема повеќе чекања по шалтери ниту патувања по други градови за да се добие документот. Од денес по електронски пат ќе се вади потврда од казнената евиденција. Набрзо ќе се почне и со услугата за потврда за кривична, како и уверение дека против лицето не е изречена санкција – забрана за вршење на професија, дејност или должност. Сите овие уверенија им се потребни на граѓаните за вработување, доколку сакаат да добијат виза или работа во странство, како доказ дека немаат сторено кривично дело. Дополнително, доколку некое лице сака да се јави на тендер, ќе мора да има ваква потврда. Сите овие нови услуги ќе бидат достапни на сајтот е-услуги“, истакна премиерот.

Со ова, како што рече, заминуваат во историја постапките за вадење на потврди од казнена евиденција во хартиена форма за кои беше задолжително физичко присуство во надлежниот суд според местото на раѓање.

„Со приклучувањето на судовите на Националниот портал за услуги, граѓаните повеќе немаат потреба да губат по неколку часа за да го подигнат документот што им е потребен, туку сега го добиваат за три минути. Овие потврди се првите електронски документи создадени согласно закон, кои ги издава судската власт“, изјави Заев.

Тој спомена дека нивните пресметки говорат оти со воведување на овие услуги, судовите ќе направат заштеди изразени во милиони евра, кои ќе можат да ги инвестираат во генерално подобрување на нивната работа.

Заев најави дека ова е почеток на дигитализацијата на услугите за граѓаните што ги добиваат преку судскиот систем, по што ќе следува и опремување на стотици судници во земјата и воведување најсовремена информатичка технологија во сите 34 судови во земјата. Како што рече, дигитализацијата на правосудниот систем ќе го минимизира човечкиот фактор во дел од процесните дејствија и во пракса нема да имаме повеќе случаи од преку 3.000 недоставени пресуди и максимално ќе се елиминираат изговорите за застареност за гонење.

Министерот за правда Бојан Маричиќ изрази задоволство од првите резултати од макотрпната работа на овој исклучително важен процес.

„За успешноста на овој процес сакам јавно да се заблагодарам на Врховниот суд и Министерството за информатичко општество, а ќе ја продолжиме соработката и со нашите стратешки партнери Соединетите Американски Држави кои дадоа голема поддршка за процесот за дигитализација на судниците ширум земјата но и со ОБСЕ и Норвешката влада“, подвлече министерот за правда Маричиќ.

Судијата Нанев, како претседател на работната група за дигитализација на судството, истакна дека дигиталните услуги за издавање на уверенија се однесуваат на физички и на правни лица и ги опфаќаат сите основни судови кои постапуваат по кривични и прекршочни предмети.

„Услугата овозможува електронско поднесување на барањето, електронско плаќање преку платежна картичка и електронско добивање на уверението во ПДФ формат со бар код – сертификат што подразбира поврзување на документот со електронски потпис и електронски печат на судот издавач на документот со кој се потврдува веродостојноста на документот. Користењето на дигиталната услуга е едноставно, брзо и лесно. Корисникот преку националниот портал за услуги uslugi.gov.mk се најавува со корисничко име креирано за добивање и користење на услугите на УЈП“, појасни Нанев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Изброени половина од гласовите: Силјановска со двојна предност пред Пендаровски

Водство на претстедателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова, покажуваат првичните резултати што ги објави Државната изборна комисија (ДИК). Според извештаите, од обработени 59,61 отсто од гласачките места, таа има...