Неизвесно останува дали денеска ќе се одржи распитот на двајца од осомничените во случајот „Тендери“, за кои Специјалното јавно обвинителство уште вчера побарало од Кривичниот суд да им бидат одземени пасошите и секој ден да се јавуваат пред службено лице во судот.
Според неофицијални информаци, судијата на претходна постапка кај кој е распределен предметот сè уште не испратил покани до осомничените и до обвинителот на СЈО што го застапува случајот.
Инаку, според членот 294 од Законот за кривична постапка, по донесувањето наредба за спроведување истражна постапка, судијата на претходна постапка е должен без одложување да го разгледа предлогот за мерки за обезбедување присуство и веднаш да одлучи по него.
„По донесувањето наредба за спроведување истражна постапка до судијата на претходна постапка, јавниот обвинител може да достави образложен предлог за определување мерка притвор или други мерки за обезбедување присуство на обвинетиот. Судијата на претходна постапка е должен без одложување да го разгледа ваквиот предлог и веднаш да одлучи по него. Ако судијата на претходна постапка не се сложи со предлогот на јавниот обвинител, за тоа ќе донесе посебно образложено решение. Против ова решение јавниот обвинител има право на жалба во рок од 24 часа до советот, според членот 25, став 5 на овој закон“, стои во ставот 1 на член 294 од Законот за кривична постапка.
Од судот денеска соопштија дека го добиле предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост на двајца од осомничените во „Тендери“. Оттаму не можеа со сигурност да потврдат дали распитот ќе биде денеска.
„Предлогот е распореден кај судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, кој треба да ги повика лицата за кои се однесува предлогот за да се произнесат во врска со него, а за сите нови дејства поврзани со наведениот предлог, јавноста ќе биде дополнително информирана“, стои во соопштението.
Како што информираа од СЈО, се бара одземање на пасошите на двајцата осомничени „затоа што постојат околности што упатуваат на тоа дека лицата може да ја напуштат земјава“.
Првоосомничена во случајот „Тендери“ е актуелната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска, која се товари за злоупотреба на службената положба, односно дека без завршена постапка за јавни набавки дозволила фирмата „Бетон Штип“ да изврши градежни работи во Музејот на македонската борба. Со ова, според СЈО, буџетот бил оштетен за 54 милиони денари или околу 878.000 евра.
Канческа-Милевска вчера на прес-конференција ги оквалификува тврдењата на СЈО како „трач муабети“ и „рекла-кажала“ и рече дека работите на сите проекти од „Скопје 2014“ биле „чисти како солза“.