fbpx

Судот не ѝ го одзеде пасошот на Канческа-Милевска, барањето на СЈО било неосновано

-

Судија на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство и не им ги одзеде пасошите на министерката за култура, Елизабета Канческа-Милевска, и на уште еден осомничен во случајот „Тендери“.

Ваквата одлука судијата ја донел по распитот на двајцата осомничени, во петокот минатата недела. Барањето на СЈО, тој го одбил како неосновано и решението со кое се одбива предлогот за одредување мерки на претпазливост, односно одземање на пасошите и обврска осомничените еднаш во неделата да се јавуваат кај службеник во судот, го доставил до странките во случајот.

„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) за определување мерки за претпазливост против две лица опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „Тендери“, пред судија на претходна постапка на 28 октомври 2016 година беа повикани двете лица кои во присуство на нивните бранители и претставник на СЈО се произнесоа во врска со предлогот. По завршување на распитот, судијата на претходна постапка со решение го одби како неоснован предлогот на СЈО за определување мерки за претпазливост, а по писменото изготвување решението е експедирано до странките“, стои во соопштението од Кривичниот суд во Скопје.

Против одлуката на судијата, Специјалното јавно обвинителство има право на жалба до Кривичниот совет на судот, во рок од 24 часа по добивањето на решението.

Министерката за култура е првоосомничена во случајот за малверзации со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на ВМРО, од проектот „Скопје 2014“, со што буџетот, според СЈО, бил оштетен за околу 54 милиони денари.

Канческа-Милевска, по распитот во петокот, изјави дека „станува збор за чист политички театар организиран од Социјалдемократскиот сојуз, а во кој учествува Специјалното јавно обвинителство, како поддршка за оваа партија во предизборниот период“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...