Пред повеќе од две години во т.н. објаснувачки скрининг Европската комисија на Македонија ѝ презентираше кои се барањата на правото на ЕУ за независноста на судството. Во тој преглед имаше малку од она што се нарекува „тврдо“, па и „меко“ право на Унијата. Тоа беа главно нови одредби воведени во примарното право по Лисабонскиот договор (2007, во сила од 2009 година), потоа еден предмет од судската практика, а многу повеќе меѓународни стандарди. Денес презентацијата би била значително поразлична – секако барем во делот на судската практика, но и во делот на т.н. „меко право“ на Унијата.

Малинка Ристевска Јорданова

Европската комисија поведе серија постапки против Полска поврзани со нејзините „реформи во судството“, кои според ЕК, го нарушуваат принципот на независност на судството. За две веќе има пресуди на Судот на правдата на ЕУ, во тек е уште еден судски предмет за дисциплинската одговорност на судиите (за кој веќе има наредба за привремени мерки), а покрената е и прекршочна постапка во Комисијата за новиот полски закон за судовите од оваа година.

Двете донесени пресуди кон крајот на 2019 година веќе се вбројуваат во т.н. преломни одлуки (“landmark”) на овој суд. Накусо, Судот пресуди дека со пензионирањето (со закон) на мандатите на судиите во Полска пред истекот на нивниот претходно важечки мандат, како и правото на Претседателот на државата да може да го продолжи мандатот на некои судии претставува кршење на правото на Унијата. Се работи конкретно за кршење на членот 19 ставот 1, потстав 2 од Договорот за Европската унија (додаден со Договорот од Лисабон). Тој гласи: „Земјите членки обезбедуваат правни лекови доволни за да обезбедат ефективна правна заштита во областите опфатени со правото на Унијата“. И кога би се читала само оваа одредба, не би било многу јасно зошто овие пресуди се сметаат за исклучително важни. Според објаснувањето на Судот „ефективна правна заштита“ не би можеле да обезбедат судови кои не се независни, што пак е гарантирано со членот 47 од Повелбата за темелните права, кој се однесува на правото на ефективни правни лекови и фер судење. И конечно, овие права се поврзани со заштитата на основните вредности на Унијата гарантирани со членот 2 од Договорот за Европската унија, меѓу кои и се и еднаквоста, владеењето на правото и почитувањето на човеквите права. Додадената вредност на двете „преломни“ пресуди на Судот на правдата на Европската унија е дека државите членки се одговорни за почитувањето на принципот на независност на судството.

Е сега – што е тука толку значајно или релевантно за нас?

Прво, тврдењето дека на државите кандидати им се наметнуваат некакви поинакви или построги стандарди за независноста на судството од оние што важат за ЕУ едноставно немаат никаква основа.

Натаму, меѓународните стандарди – оние за независноста на судството што се создаваат под закрилата на меѓународните организации, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, вклучувајќи ја и Венецијанската комисија и други, како и пресудите на Европскиот суд за човековите права, не се некакви принципи дистанцирани и изолирани од ЕУ. Токму спротивното е видливо во коминикеата на Комисијата за владењето на правото од 2019 година (документи што се класификуваат како т.н. „меко право“ на Унијата). Покрај тоа, ако само се прегледаат, дури и без подетална анализа, образложенијата на предлозите на Европската комисија за предметите што погоре ги споменавме, ќе се види дека Комисијата во голема мера се повикува на мислењата на голем број тела под закрила на меѓународните организации кои се создадени токму за градење и спроведување на стандардите во оваа област (Обединетите нации – специјалниот претставник за независност на судиите и адвокатите, Венецијанската комисија, Консултативниот совет на европските судии и др.), како и на невладини организации.

И повторно – зошто и како е ова релевантно за нас, особено во време кога е сериозен ризикот за намалување на каква и да е мотивација за спроведување стандарди поврзани со ЕУ. Просто – тоа се наши уставни обврски. А не е лошо и да се потсетиме дека сме дел од оваа поширока мрежа на владеење на правото, и тоа од одамна – набргу по нашето осамостојување. Дали ќе учествуваме во креирањето и спроведувањето на стандардите онака „за да ни мине редот“, или ќе бидеме рамноправни, иако сме мали – зависи од нас.

Правото на Европската унија, а и меѓународните стандарди не содржат рецепти за организација на судскиот систем – секоја држава си одлучува каков судски систем ќе има. Меѓутоа, она што правото на Европската унија, а и меѓународните стандарди го бараат е резултатот – ефективна правна заштита, што е неможна без независно судство.