Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 го укинал притворот на Зоран Верушевски и на Ѓорги Лазаревски, обвинети во случајот „Пуч“, соопшти попладнево Основниот суд Скопје 1.
Судот ја прифатил предложнета гаранција, како и предлогот на Специјалното обвинителство да им се забрани напуштање на живеалиштето, односно градот Скопје, и привремено да им се одземат патните исправи.
„Постапувајќи по предлозите на обвинетите З.В. и Ѓ.Л. поднесени преку нивните бранители за укинување на мерката притвор или замена на мерката притвор со понудена гаранција, а по прибавено мислење и предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите за укинување на мерката притвор предвидена во член 165, став 1, точка 2, а потоа и по член 165, став 1, точка 1 и 3 и да се прифати гаранција предложена од обвинетите преку нивните бранители, како и посебниот предлог на обвинителството за определување мерки за претпазливост, односно: забрана за напуштање на живеалиштето, односно градот Скопје, привремено одземање на патна исправа, Кривичниот совет на одделението за организиран криминал и корупција при Основниот суд Скопје 1 донесе одлука со која мерката притвор за обвинетите З.В. и Ѓ.Л. се укинува, а предлогот на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите, за прифаќање на предложената гаранција и определување мерки за претпазливост на обвинетите, се уважува“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.
Оттаму додаваат дека одлуката на Кривичниот совет во текот на денешниот ден ќе биде експедирана до странките во постапката и до затворот „Скопје“.