Основниот суд Прилеп го отфрлил и второто обвинение против адвокатот и еден од водачите на „Шарената револуција“ во градот, Жарко Стеваноски, поради испишувањето на графитот „Кај ви е хилтата?“ на асфалтот пред старата зграда на Општина Прилеп на 18 мај минатата година, пренесува порталот „Публикум“.
Прилепската полиција го товареше Стеваноски дека графитот што го испишал на асфалтот имитирал, односно личел на сообраќаен знак и со тоа ги збунувал и им го одвраќал вниманието на учесниците во сообраќајот.
Пред еден месец прилепскиот суд го ослободи Стеваноски од прекршочна одговорност и за графитот „Че си лежите“, испишан, исто така, за време на протестите на „Шарената револуција“ во Прилеп.
Прилепската полиција против Стеваноски има поднесено уште четири пријави, кои, како и претходните две, се поради наводно сторен прекршок по член 191 од Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата.