Судот бара да ја чуе „бомбата“ за да одреди притвор за Грујовски и за Јанкулоска

Судијата на претходна постапка ги отфрли барањата на Специјалното јавно обвинителство и не му одреди притвор на Горан Грујовски, како и мерки на претпазливост на другите четворица осомничени во случајот „Тврдина“, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска.

„Судија на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по предлози за определување мерка притвор против лицето Г.Г. и мерки за претпазливост против лицата Т.Ј., Г.Ј., Н.Б. и В.С., поднесени од Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), откако беше побарано дополнување на предлогот што беше доставено и јавно обвјавено од СЈО, донесе решенија со кои ги отфрли предлозите на обвинителството“, стои во соопштението на Кривичниот суд во Скопје.

Судијката Александра Поп-Стефанија, која постапуваше по барањата на СЈО, својата одлука ја темели, како што може да се види од нејзините решенија со кои се отфрлаат предлозите за притвор, на лимитираната надлежност на СЈО, односно тоа не е надлежно за овој предмет бидејќи не презентирало конкретен прислушуван разговор од кој произлегува случајот „Тврдина“.

Специјалното јавно обвинителство има рок од 24 часа да поднесе жалба на решенијата на судијата на претходна постапка до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1.

Инаку, Горан Грујовски за случајот „Тврдина“ кон крајот на март беше на распит пред судија на претходна постапка, кој му одреди притвор, кој потоа со одлука на Кривичниот совет беше заменет со куќен притвор.

Распитот на Јанкулоска и на другите тројца осомничени немаше никаков исход бидејќи на судијата му се слоши за време на сослушувањето на поранешната министерка, а во меѓувреме се случи аболицијата на Ѓорге Иванов, со која беа помилувани 56 политичари и нивни соработици.