fbpx

Судири меѓу демонстрантите и полицијата во Шангај на протестите против „нулта-ковид“ политиката на Кина

-

Стотици демонстранти се судрија со полицијата во Шангај за време на протестите поради строгите ковид-рестрикции во Кина кои се одржуваат трет ден и се проширија во неколку кинески градови. Протестите, во медиумите опишувани како граѓанска непослушност без преседан во континентална Кина во изминатата деценија, се резултат на „нулта-ковид“ политиката на претседателот Кси Џинпинг, речиси три години по почетокот на пандемијата.

Гардијан јавува дека протести се одржале во градовите Шангај, Пекинг, Ченгду, Вухан и Гуангжу, како и на десетици универзитетски кампуси. Демонстрациите започнаа во петокот во Урумки, регионалниот главен град на крајниот западен регион Ксинџијанг, откако се појави снимка од пожар во станбена зграда во која загинале најмалку 10 лица, што доведе до обвинувања дека полицискиот час бил еден од факторите кој придонел кон бројот на загинати.

Официјални претставници на Урумки во саботата одржаа прес-конференција на која негираа дека ковид-мерките го попречиле бегството и спасувањето на лицата кои живееле во зградата. Жителите на Урумки се под некои од најдолгите полициски часови, бидејќи на граѓаните веќе сто дена им е забрането да ги напуштаат своите домови.

Денеска во раните утрински часови во Пекинг две групи демонстранти од по најмалку илјада лица биле собрани долж третата обиколница на главниот град, одбивајќи да се разотидат.

Граѓаните кои протестираат велат дека ги бараат своите човекови права, бидејќи не можат да ги напуштат домовите без да направат ПЦР тест и реагираат дека полицијата без причина ги апси луѓето кои не се насилни.

Голем дел од демонстрантите држат празни листови хартија како тактика да протестираат избегнувајќи цензура или апсење, додека некои лица барале и оставка од претседателот Џинпинг.

Би-би-си пренесува дека кинеските власти досега не ги признаа протестите во јавноста, ниту пак одговорија на каков било формален начин. И покрај цензурата во кинеските медиуми, видеата и сликите се шират преку социјалните мрежи и апликациите за пораки.

Би-би-си јави и дека нивниот новинар Едвард Лоренс, кој во неделата го покривал протестот во Шангај како акредитиран новинар, бил уапсен и задржан неколку часа од страна на полицијата. Лоренс при апсењето бил претепан и клоцан од полициските службеници, а британскиот министер за надворешни работи Џејмс Клеверли изјави рече дека инцидентот е длабоко вознемирувачки.

Кина ја задржа „нулта-ковид“ политиката дури и откако поголемиот дел од светот ги укина повеќето рестрикции за граѓаните. Иако според глобалните стандарди е низок, денеска Кина објави нов дневен рекорд на новоинфицирани со ковид-19. Според Гардијан, вкупниот број на активни случаи во Кина изнесува 40.347.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Бизнисот на задоволството“ доби награда за најдобар долгометражен филм на фестивал во САД

Филмот „Бизнисот на задоволството“ на авторот Гоце Цветановски ја доби наградата за најдобар долгометражен филм на „Риверсајд Филм фестивал“ во Калифорнија, САД. Фестивалот, што се одржа од 10 до...