Фото: Арбнора Мемети

Судскиот совет на денешната седница со 12 гласови „ЗА“ и еден „ПРОТИВ“ ја избра судијката Беса Адеми за нова претседателка на Врховниот суд. Противкандидати на Беса Адеми за претседател на Врховниот суд беа Лидија Неделкова и Џемали Саити. Судијката Адеми доаѓа на местото на досегашниот в.д. претседател на Врховниот суд Фаик Аслани, кој беше назначен на оваа позиција на 10 септември 2019 година.

Од тројцата кандидати за претседател, судијката Беса Адеми беше помалку позната за јавноста. Од Апелациониот во Врховниот суд дошла како судијка пред 16 години. Во 2017 година, судијката Беса Адеми конкурирала за претседателка на Врховниот суд, но тогаш беше избран Јово Вангеловски. Нивните патишта се вкрстија повторно по три години, во март 2020 година, кога Беса Адеми го водеше Советот на Врховниот суд што го потврди разрешувањето на Вангеловски.

Мандатот на претседателот на Врховниот суд трае четири години, при што Беса Адеми има законска можност да се кандидира за втор избор на истата функција за четири дополнителни години.

Судскиот совет на седницата одржана на 10 септември 2019 година едногласно го разреши претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски поради непрофесионално и неодговорно работење во службата. На истиот состанок беше разрешена и врховната судијка Рахилка Стојковска, а за в.д. претседател на Врховниот суд тогаш беше избран Фаик Аслани.