Федерална судијка во САД нареди затворање на контроверзниот мигрантски притворски центар во Флорида, попознат како „Алигатор Алкатраз“, изграден од администрацијата на Доналд Трамп.

Во пресудата, која има 82 страници, судијката Кетлин Вилијамс оцени дека кампот предизвикува сериозна и непоправлива штета врз Еверглејдс – национален парк кој е дел од светското наследство на УНЕСКО. Таа ѝ даде на администрацијата 60 дена за негово целосно затворање и забрани доведување на нови притвореници или понатамошна изградба на локацијата, објави Би-би-си.

Вилијамс нареди и гаснење на генераторите, гасните и канализационите системи, што практично ја оневозможува понатамошната работа на центарот. Таа потсети дека уште во 1960-тите била отфрлена идејата на истата локација да се изгради аеродром поради штетата што би ја предизвикал на екосистемот.

Одлуката е голем удар за имиграционата политика на Трамп, кој кампот го претставуваше како клучен дел од заострената контрола врз миграцијата и дури го пофали како модел за идни притворски центри. Тој беше проектиран да држи 3.000 луѓa и се наоѓа во мочуриштата околу Мајами, опкружен со алигатори, крокодили и питони.

Еколошките организации кои ја поднесоа тужбата ја поздравија одлуката.

„Ова е историска победа за Еверглејдс и за сите Американци кои веруваат дека оваа загрозена дивина мора да биде заштитена, а не експлоатирана,“ изјави Ева Семплс, директорка на „Пријатели на Еверглејдс“.

Сепак, државата Флорида веќе најави жалба на одлуката, па случајот ќе продолжи да се разгледува во судска постапка.