Судскиот совет на денешната седница нема да одлучува по барањата за разрешување на судии, туку ќе ја почне постапката со избор на членови на Советот кои ќе ги застапуваат барањата за разрешување и ќе се бираат комисии кои ќе истражуваат дали има основи за разрешување, по што ќе реферираат до Судскиот совет.

Ова денеска го соопшти претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, кој ги оцени како „лажни вести“ информациите во медиумите дека Советот ќе расправа за разрешување на над 100 судии и појасни дека станува збор само за пет барања за утврдување на одговорност на судија, односно за разрешување.

Шпекулациите дека Судскиот совет ќе расправа за разрешување над сто судии ги вознемирило судиите и претседателите на судовите, кои, како што рече Караџовски, се јавувале во Советот за да прашаат дали е ова точно.

– Денеска за оние предмети за кои е доставено барање за утврдување на одговорност на судија од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти ќе одлучуваме кој член на судскиот совет ќе го застапува соодветното барање бидејќи тој орган не постои. Потоа се формира комисија од три члена по пат на жрепка, која понатаму ќе има обврска да расправа да поканува, да истражува. Кога ќе ја заврши работата ќе треба да достави извештај до сите членови на судскиот совет на седница – изјави Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече дека нема рокови до кога треба комисиите да ја завршат работата, меѓутоа, како што додаде, во измените на Законот за Судскиот совет се предвидени добри механизми, поради што смета дека постапката во комисиите нема да трае долго.

– По завршувањето на работата на комисијата, рокот во којшто треба да достави извештај до Судскиот совет е 15 дена. Јас, како претседател на Судскиот совет ќе инсистирам, не да се мешам во работата на таа комисија што ќе ја избереме денеска, меѓутоа во најкраток можен рок да си ја заврши својата работа, за сите предмети – појасни претседателот на Судскиот совет.

Инаку, како што појасни Караџовски до овој момент до Судскиот совет има вкупно 217 претставки и поплаки доставени од граѓани и правни лица за работата на судии или претседатели на судови, а во оваа бројка се и незавршените и незапочнати поплаки и претставки од веќе укинатиот Совет за утврдување на факти.

Тој појасни дека претставки и поплаки се една работа, а барања за утврдување на одговорност на судија, односно разрешување е друга работа.

Просекот на разрешени судии во изминатите 4-5 години, изјави Караџовски, бил еден до еден ипол судија, за разлика од, како што додаде, претходниот период пред десеттина година, кога имало „поголем број на такви разрешувања“.