Денеска требаше да почне, но за 21 јули се одложи стартот на судењето за случајот со невладината организација „Меѓународен сојуз“ на Бојан Јовановски (Боки 13) во која се обвинети Јовановски, неговиот татко Миле Јовановски, Јасна Мандиќ и Фросина Ременски и Христина Блажеска, за делата „перење на пари“ и „измама“.
Одложувањето следуваше по соопштувањето на барањето на Фросина Ременски за изземање на обвинителката Вилма Русковска од предметот, поради селективност во постапувањето. На ова барање се приклучи и Бојан Јовановски.
Ременски изјави дека „се сомнева во пристрасност и тенденциозност од страна на Русковска“ и потенцираше дека „два пати е спомната во обвинителниот акт, но има сериозни аргументи дека нема ниту едно дејствие кое е кривично дело, ниту е објаснето, ниту е посочено од самата застапничка на обвинението“. Јовановски истакна дека е „жртва на трул политички систем“.
Од друга страна, обвинителката Русковска пак смета дека нема основ за изземање од предметот, бидејќи како што изјави „никогаш не се однесувала пристрасно“, но ќе остави да одлучи Јавното обвинителство.