Наместо почеток на судскиот процес против ексначалникот на петтата управа, Горан Грујовски, и шестмина негови колеги обвинети во случајот „Тврдина 2“, денешното рочиште беше процедурална расправа меѓу обвинителите од СЈО, судот и одбраната за тоа дали класифицираните докази смеат да бидат употребени во постапката, односно дали треба да бидат деклсифицирани или не.

На денешното рочиште, покрај првообвинетиот во случајот, Горан Грујовски, беа присутни и другите обвинети, освен една од нив. Следното рочиште е закажано за 17 јануари следната година.

По речиси тричасовна дебата, расправа и изложување аргументи, судијката Лидија Петровска го задолжи СЈО да обезбеди дозвола од органот што ги создал класифицираните информации предложени како докази, односно УБК, и тие да бидат декласифицирани.

На ова реагираа обвинителите на СЈО, Трајче Пеливанов и Ленче Ристоска, кои се повикаа на одредбите од Законот за класифицирани информации и на Законот за кривична постапка.

Тие го бранеа ставот дека нема никакви законски пречки, а и досегашната судска практика дозволува овие класифицирани информации да бидат употребени за време на судскиот процес како докази.

– Наместо главна расправа, денеска се дебатираше за тоа дали постојат пречки судот да постапува по доказите кои се класифицирани, а беа предложени од наша страна. Ние се обидовме да го појасниме нашиот став дека не постојат пречки таквите докази да бидат изнесени во понатамошна постапка, а се раководевме, меѓу другото, и од досегашната практика на судот и посочивме дека на судот не му е непознато да постапува по класифицирани информации, а и дека законот такво нешто не забранува. Сепак, од судот бевме задолжени да побараме дозвола од органот што ги создал тие податоци да бидат користени во судска постапка, односно да бидат декласифицирани со степен за употреба во судска постапка – рече обвинителката Ристоска по завршувањето на денешното рочиште.

Прашана како оваа ситуација ќе влијае на судскиот процес, Ристоска рече дека тоа ќе значи кратко одложување на постапката и изрази надеж дека сепак ќе успеат да го надминат ова недоразбирање со судот.

Таа додаде дека со ваквата одлука на судот се доведуваат во прашање сите предмети во кои како докази биле користени класифицирани информации.

Никола Додевски, адвокатот на обвинетиот Грујоски, во текот на денешната расправа побара од судот да ги одбие класифицираните докази предложени од СЈО, односно тие да не може да се користат во судската постапка бидејќи СЈО ги предложило без да добие дозвола од УБК за нивна употреба.

– Бараме судот овие докази, кои се прибавени без претходна согласнот на создавачот на класифицираните информации, да ги одбие бидејќи не можат да останат докази затоа што се прибавени на незаконит начин – рече Додевски, кој во текот на рочиштето неколкупати му сугерираше на судот да ги казни обвинителите на СЈО поради непочитување на судот, но судијката Петровска го одби.

По завршувањето на рочиштето, Додевски изјави дека со денешната одлука судот му дал шанса на СЈО да ја исправи процедуралната грешка околу предложените класифицирани докази.