Почетокот на судењето за случајот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство се одложи, бидејќи на денешното прво рочиште во судницата не беше присутен обвинетиот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски кој бил болен.

Адвокатите на Поповски до судот доставија медицинска документација со која на Поповски му се препорачува да мирува, но, не и дека е на боледување. Адвокатката, Сања Алексиќ рече дека на обвинетиот терапијата му завршува на 16 ноември и дека потоа ќе се знае дали ќе отвори боледување.

Обвинителката на СЈО, Фатиме Фетаи побара вештак да утврди дали Поповски со таква дијагноза може или не може да присуствува на судењето.

-Обвинетиот е лимитиран во одење и седење, но не и во зборување, тој не е неподвижен. Обвинетиот нема отворено боледување, но и кога би отворил боледување, тој може да присуствува и да зборува пред судот – рече Фетаи.
Судијката Лидија Петровска следното рочиште го закажа за 21 ноември.

Поповски, кој е единствен обвинет во случајот „Триста“ се товари за набавката на 300 возила за МВР, со која бил оштетен буџетот за 453.570 евра, бидејќи тендерот за купување, сервисирање и за одржување на возилата им го доделил на компании кои не дале најевтина понуда.

Апелацискиот суд Скопје кон крајот на септември донесе одлука прислушуваните разговори да можат да се користат како доказ во судскиот процес за случајот „Триста“.