Судските рочишта во Основниот суд Скопје 1 што на 2 декември беа одложени поради Денот на дрвото, ќе се одржат в сабота, на 12 декември, освен рочиштето за случајот „Пуч“, кое е презакажано за 21 декември, соопштија попладнево од судот.

Меѓу судењата што беа откажани поради денот на дрвото беше и рочиштето за случајот „Пуч“.

Сепак, како што информираат од судот за „Мета“, судското рочиште за „Пуч“ нема да одржи в сабота, туку е презакажно за 21 декември.

Како причина од судот го наведуваат краткиот рок за доставување на поканите до обвинетите.

На последното одржано рочиште за случајот „Пуч“, кој неколкупати се одложува поради недоаѓањето на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој е еден од обвинетите, судијката Љубинка Башеска реагираше на тоа што тој не се појавува во судот и рече дека ќе мора за наредното рочиште да издаде наредба за негово стражарно приведување.

Од СДСМ реагираа дека Заев ќе се појави на судењето кога случајот ќе го преземе специјалната обвинителка, Катица Јанева.

Специјалното обвинителство пред две недели, меѓу другите, од Јавното обвинителство го побара и го доби предметот „Пуч“, за кој Јанева и нејзиниот тим треба да утврдат дали се надлежни за него и што понатаму.