Судењето за случајот наречен „Шамарите во Центар“ е закажано за 21 ноември во 10 часот, информираат од Основниот суд Скопје 1.
„Судијата кај кој беше распореден обвинителниот предлог на СЈО против 14 лица, по разгледување на предлогот, оформи предмет со К.бр 1904/16, а со оглед на распоредот на претходно закажани судења на судијата кој постапува по притворски предмети, а и големиот број на обвинети опфатени во овој предмет, главната расправа е закажана за 21 ноември 2016 година, во 10 часот, за кога се испратени покани до странките во постапката заедно со примерок од обвинителниот предлог“, стои во соопштението од судот.
СЈО пред две недели поднесе обвинение кое се однесува на нарачаното насилство врз градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, за време на седница на општинскиот Совет, кога се случи протест пред Општината.
Обвинението следува по телефонски разговор содржан во прислушуваните материјали, а кој опозицијата го објави јавно. Првообвинетиот е дел од извршната власт.
Обвинението е поднесено против 14 лица за кривичното дело насилство, од кои пет лица се обвинети како поттикнувачи и девет лица како директни извршители на насилството.