Субвенционираниот студентски оброк да изнесува 140 денари, предвидува новиот предлог-закон

Студентите до крајот на оваа академска година, односно до јуни, ќе добиваат средства на месечно ниво и тоа по 140 денари дневно за секој работен ден во месецот

Илустрација: Мета.мк

Наместо 120 денари, од 1 април мерката субвенциониран студентски оброк да изнесува 140 денари дневно, предвидува новиот предлог закон доставен до Собранието.

Станува збор за нов предлог на Законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк кој наскоро треба да се најде пред пратениците.

Според предлогот, исто така, од септември треба да почне да се применува системското решение на субвенционираниот студентски оброк. Ова значи дека студентите преку посебни дигитални картички ќе можат да купуваат оброк само кај регистрирани даватели на субвенциониран оброк, за 140 денари дневно.

Нацрт-законот на својот Фејсбук профил го објави пратеничката Санела Шкријељ. Системското решение предвидува Министерството за образование и наука (МОН) пред почетокот на академската 2023/2024 година да објави јавен повик за избор на банка која ќе спроведе набавка и ќе овозможи поддршка на дигиталните картички. Јавен повик треба да биде објавен и до угостителски објекти кои треба да склучат договор со МОН и би подготвувале и продавале храна по пониски цени за студентите – корисници на правото на субвенциониран оброк.

Даватели на субвенциониран студентски оброк ќе можат да бидат трговци кои се регистрирани согласно со Законот за угостителската дејност или продавници согласно со Законот за трговија и кои поседуваат сертификат од независна институција за имплементиран НАССР систем.

Според договореното во ноември помеѓу студентите и државата, од 15 март годинава износот на субвенционираниот оброк требаше да се зголеми. И додека ова ветување е исполнето, надлежните не успеаја да го реализираат и ветувањето дека од овој месец ќе започне да се применува системското решение.

Доколку се усвои предлог-законот, студентите до крајот на оваа академска година, односно до 30 јуни, ќе добиваат средства на месечно ниво и тоа по 140 денари дневно за секој работен ден во месецот.