Фото: Мета.мк

Третата доза на вакцина против ковид-19 може значително да ја зајакне имунолошката одбрана на телото, покажува најновата студија од Велика Британија што го испитувала имунолошкиот одговор на околу 3.000 лица кои примиле бустер-доза, пишува весникот Гардијан.

Истражувањето е објавено во угледното списание Lancet, при што научниците ги проучувале имунолошките одговори на лица кои примиле бустер-доза два до три месеци по втората вакцина против ковид-19 од АстраЗенека или Фајзер.

Оние што примиле трета доза на вакцина од Фајзер по првичното вакцинирање со АстраЗенека, еден месец по бустерот имале нивоа на антитела во организмот за речиси 25 пати повисоки во споредба со периодот пред да ја примат третата доза. Кај луѓето кои имале примено две вакцини на Фајзер, по третата бустер-доза исто така со вакцина на Фајзер, бројот на антитела се зголемил за повеќе од 8 пати.

Најмоќен имунолошки одговор при примање на трета доза дала вакцината на Модерна. Таа го зголемила нивото на антитела за 32 пати кај луѓето кои претходно примиле две вакцини од АстраЗенека, додека за 11 пати се зголемил бројот на антитела кај оние што претходно биле вакцинирани со вакцини на Фајзер.

Сепак, во истражувањето научниците посочуваат и дека проучуваните околу 3.000 лица имале различни нивоа на антитела во нивните организми пред бустер-дозата. Па така, нивоата на антитела на вакцинираните лица со Фајзер и по неколку месеци од вакцинирањето останале високи, што пак довело до тоа бустер-дозата да не ги зголеми премногу овие вредности.

„Ова се неверојатно ефикасни имунолошки засилувачи, многу над она што е потребно за да се спречи хоспитализација и смрт“, изјави професорот и раководител на истражувањето Саул Фауст.

Покрај антителата, научниците во истражувањето го разгледале и влијанието на бустер-дозите врз Т-клетките, како уште една клучна компонента на имунолошкиот систем поврзана со спречување на тешки болести. Повеќето бустери-дози, вклучувајќи ги вакцините на Фајзер, Модерна и АстраЗенека, ги зголемиле нивоата на Т-клетките без оглед на вакцината што ја примиле луѓето во првите две дози.

Исто така, одговорот на Т-клетките кај луѓето бил исто толку добар против загрижувачките бета и делта соеви на корона вирусот како и против оригиналниот вирус што се појави од Вухан.

„Иако варијантите, како што е делта сојот, го намалија севкупниот ефект на антителата за убивање на вирусот, одговорите на Т-клетките беа прилично непроменети“, објасни професорот по молекуларна биологија Џонатан Бол од Универзитетот во Нотингем.