Собирите за искажување на почит и сочуство за најмалку 59 загинати и 160 повредени во пожарот во дискотеката „Пулс“ на 16.03.2025, ќе бидат организирани на ниво на факултети, а не во форма на големи собири по кампуси, најави УСС УКИМ вчеравечер.
Објаснуваат дека големите собири по кампусите биле откажани со цел „да не се создаваат поголеми гужви во време кога медицинската помош и полицијата се потребни на друго место“.
Во последната објава на Инстаграм, насловена „Последно извинување на УСС УКИМ во однос на вчерашните случувања“, од таму велат дека министерката за образование Весна Јаневска не била поканета на мирниот собир на студентите и дека се оградуваат од нејзиниот говор.
„Нејзиниот говор, самото одржување, како и неговата содржина не беа во агендата на одвивањето на настанот. Нашата одлука, за којашто со мнозинство се изгласа на состанокот на 16.03 беше само двеминутно обраќање на ректорката во знак на солидарност и изразување сочуство“, велат во објавата на социјалните мрежи.
Извинувањето следува откако министерката и УСС УКИМ, се соочија со критики од студентите и јавноста за присуството и говорот на миинстерката за образование.
Во понеделникот, за време на говорот на министерката пред илјадници студенти, некои од нив колабираа и се слушаа повици за брза помош, но таа накратко продолжи со говорот по што беше исвиркана.
Веднаш потоа претседателот на Универзитетското студентско собрание на УКИМ, Александар Николовски им порача на студентите дека собирот бил за да се искаже почит кон жртвите, а не протест, и ги замоли за тишина.
„УСС УКИМ ќе продолжи да ги организира овие собири во текот на цела недела. Ќе ве замолам да доаѓате на собирите и ако треба да помогнеме да помогнеме и да се организираме сите“, рече Николовски на собирот во понеделникот.
Откако се соочија со огромен револт од младите на социјалните мрежи, УСС УКИМ се извини што политичари говореле на собирот. Пред Јаневска, говор држеше и ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Биљана Георгиева. Нејзиниот говор, исто така беше прекинат кога млада девојка колабираше.
View this post on Instagram