Студентските собранија излегуваат на мирен марш за Меѓународниот ден на студентите

Фото: Првиот академски час на студентите на ФИНКИ во октомври 2022 година во зградата на Филхармонија | Фото: Мета.мк

Универзитетските студентски собранија на државните и приватните универзитети во земјава повикаа на мирен марш во четврток, на 17 ноември, кој во светот се одбележува како Меѓународен ден на студентите. На овој марш студентите ќе ги истакнат нивните барања до институциите за подобар студентски стандард и поголем квалитет на високото образование.

„Министерството за образование и наука за брзо време успеа да го врати студентскиот борбен дух меѓу студентите и да нè обедини сите, за општо добро на сите студенти. Сите универзитетски собранија се во постојана комуникација и на тој начин дојдовме до одлука, сите универзитети, Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември, да го одбележиме на начин и по теркот на многу други европски и светски држави, односно со мирен марш каде што ќе ги истакнеме нашите натамошни барања“, изјави за Мета.мк Славчо Темелковски, претседател на Универзитетското студентско собрание на УКИМ.

Студентите ќе побараат подобрување на условите во однос на студентските домови, стипендиите, дигитализацијата и квалитетот на образованието воопшто.

Темелковски напомена дека субвенционираниот студентски оброк нема да биде предмет на барање, бидејќи за овој проблем се изнајде, како што рече, решение кое што е прифатливо за студентите.

Студентскиот марш ќе започне во 18 часот пред Собранието на Република Северна Македонија, од каде студентите ќе се упатат кон зградата на Министерството за образование и наука (МОН).

Студентските собранија ги повикуваат сите засегнати страни и пошироката јавност да им се приклучат во маршот на кој ќе истакнат дека се тука, постојат и дејствуваат. Студентите имаат за цел маршот да стане традиција и да се одржува и во наредните години на нивниот меѓународен ден.

Претседателот на УСС УКИМ нагласи дека овој студентски марш ќе се организира независно од протестот што во истиот ден го најавува движењето наречено „Студентски отпор“. Ова движење кое вчера протестираше пред Собранието додека внатре на средба со институциите разговараа формалните студентски претставници, најави дека не е задоволно од крајниот исход и од одлуките донесени на средбата. Протестот на „Студентски отпор“ ќе започне еден час порано од маршот организиран од Универзитетските собранија и од ова движење во 17 часот ќе се упатат од МОН кон законодавниот дом.