Младите и студентските организации од Европа повикуваат на меѓународен штрајк на 20 ноември, со кој ќе се спротивстават на милитаризацијата, зголемувањето на воените буџети и задолжителната воена служба. Во манифестот објавен на веб-страницата на движењето „International Youth Strike“, тие бараат повеќе јавни инвестиции во образованието, здравството, домувањето и климатската правда, наместо во оружје и воени капацитети.

Повикот е насловен „Борба за нашата иднина, а не за нивните војни“ и предвидува студентите и младите на 20 ноември да ги напуштат училниците и универзитетите, да организираат собири, протести и други акции. Организаторите ги повикуваат студентските и младинските организации од Европа да се приклучат, а синдикатите и општествените движења да ги поддржат активностите од 20 до 22 ноември.

Во манифестот се критикува растот на воените трошоци во услови кога, според организаторите, образованието, здравството, домувањето и јавните услуги остануваат запоставени. Тие го посочуваат и европскиот план за одбрана „ReArm Europe“, за кој се предвидени инвестиции од 800 милијарди евра, како и проширувањето на воените сојузи и повиците за задолжителна воена служба.

Организаторите сметаат дека милитаризацијата сè повеќе навлегува во образовните институции преку воени регрутации, истражувања финансирани од индустријата за оружје и партнерства со институции поврзани со воени активности. Тие бараат училиштата и универзитетите да останат простори за критичко размислување, наместо да служат за регрутирање војници или за интересите на воената индустрија.

Меѓу петте главни барања на движењето се прекин на милитаризацијата и политиките на штедење оправдани со војната, укинување на сите форми на задолжителна воена служба, како и пренасочување на јавните средства кон социјалната заштита и младите.

Манифестот повикува и на солидарност со народите погодени од окупација, воени интервенции и колонијална доминација. Организаторите бараат прекин на соработката со држави за кои тврдат дека се одговорни за геноцид, наведувајќи го Израел како пример.

Дополнително, тие бараат климатска и социјална правда, прекин на зависноста од фосилни горива и експлоатацијата на природните ресурси, како и борба против авторитаризмот, расизмот, патријархатот и крајната десница.

Според авторите на манифестот, борбата против милитаризацијата е поврзана со пошироките економски и политички системи што ги поттикнуваат војните, експлоатацијата и климатската криза. Тие наведуваат дека младите и студентите во изминатата година организирале протести и штрајкови во Европа и пошироко против војните, милитаризацијата, задолжителната воена служба и, како што ја нарекуваат, фосилната империјалистичка политика.

Организаторите ги повикуваат заинтересираните младински и студентски организации да го потпишат манифестот и да се приклучат кон меѓународната мобилизација.