Студентските и средношколските ученички домови повторно ќе бидат отворени под услов во една двокреветна соба да биде сместено само едно лице, а во соба со над два кревета ќе може да бидат сместени максимум две лица. Оваа одлука вчера ја донесе Владата по препораката на Комисијата за заразни болести.
Поради оваа одлука Владата до Собранието ќе достави Предлог – закон за дополнување на Законот за студентскиот стандард и Предлог – закон за дополнување на Законот за ученичкиот стандард.
„Со измените содржани во овие предлог закони, се уредува дека во услови на вонредни околности на студентите и на учениците кои конкурирале на конкурсот за сместување во студентските и ученичките домови, и на кои им се одобрени барањата за сместување, но заради намалениот број на сместувачки легла не може да се сместат во студентски дом, да им се исплаќа месечна сума на средства за покривање на трошоците за приватно сместување, односно месечна сума на средства за покривање на трошоците за превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите, за чија висина одлучува Владата на Република Северна Македонија“ велат од Владата.
Студентите и учениците ќе се пријавуваат на интернет платформата www.digitalizirajse.mon.gov.mk, за да ги внесат потребните податоци и докази, по што ќе им се исплаќаат средствата за времетраењето на предвидено со овие измени.
Се оценува дека заради намалениот капацитет на користење на сместувачки легла во студентските домови, приватно сместување или превоз од местото на живеење до местото во кое се одвиваат студиите ќе користат 884 студенти и 347 ученици.
Пред да биде донесена владината одлука, студентските лидери побараа да се отворат студентските домови, бидејќи како што истакнаа тие, сместувањето во студентски дом е далеку побезбедно и поевтино отколку под кирија.
„Мета.мк“ претходно извести за бројот на ученици и студенти што се сместуваат во домови и интернати чиј број се намалува од година во година.