Студентскиот дом „Пелагонија“ доби просторија за дружење

фото: Мета.мк

Студентите сместени во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје отсега слободното време ќе можат да го поминуваат во новоотворената просторија за дружење и социјализирање. Во неа студентите имаат можност да пијат кафе, да играат интерактивни игри и да планираат заеднички активности.

Може да ја користи секој студент сместен во студентскиот дом и ќе биде достапна за користење во текот на целиот ден.

Просторијата за дружење и социјализирање е опремена со помош на средствата собрани на хуманитарната студентска забава што во декември ја организираше Универзитетското студентско собрание на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УСС УКИМ).

„Собата е направена со помош на самите студенти преку забавата којашто беше организирана од страна на Универзитетското студентско собрание и каде беа продадени околу 1.300 карти. Предвидено е да биде занимална, соба за дружење за студентите. Во студентскиот дом „Пелагонија“ досега немаше просторија каде студентите ќе можат да се дружат, да поминуваат време заедно, да пијат кафе, да играат интерактивни игри и друго. Мислам дека целиот концепт што го осмисливме ќе биде добро освежување за студентскиот дом“, вели Славчо Темелковски, претседател на УСС УКИМ.

Собата е опремена со мебел и бела техника, кафемати, а студентите на располагање веќе имаат повеќе друштвени игри. Муралите на ѕидовите ги исцртале студенти од Факултетот за ликовна уметност при УКИМ.

Темелковски апелира студентите разумно да ја користат просторијата и да се грижат за нејзиното одржување.

„Ние како УСС ја реализиравме зацртаната цел – ја направивме занималната, а сега одржувањето на истата останува на студентите што престојуваат во студентскиот дом“, вели Темелковски.

За оваа просторија се потрошени половина од собраните средства на хуманитарната забава, односно околу 63.000 денари,  додека со другата половина од средствата наскоро ќе биде опремен ист ваков простор и во студентскиот дом „Гоце Делчев“.

„На почетокот, идејата беше ваква просторија да се направи во студентскиот дом „Стив Наумов“, бидејќи таму беше најитна состојбата, но бидејќи таму е предвиден проект со кој се планира реновирање на целиот студентски дом што најдоцна треба да започне во месец март, ни беше кажано дека доколку таму ги вложиме средствата, голема е веројатноста таа просторија да биде срушена. Затоа решивме просториите да ги направиме во студентските домови „Пелагонија“ и „Гоце Делчев“. Одлуката беше донесена од страна на целото Универзитетското студентско собрание и мислам дека ќе ги исполни очекувањата на студентите во домовите“, додава Темелковски.

Претседателот на УСС УКИМ вели дека собранието е свесно за сите реални проблеми што се случуваат во домовите, но се одлучиле да опремување на простории за дружење и социјализација бидејќи вакво нешто засега не е предвидено во плановите на надлежните што управуваат со домовите.

„Ги знаеме сите реални проблеми што се случуваат во студентските домови, но сметам дека како УСС го направивме вистинскиот потег што опремивме простории за дружење, бидејќи сите други инфраструктурни проблеми во домовите – од условите за живеење, хигиената – со посебен акцент на „Стив Наумов“ – се работа на државата и државата пред сè има голема обврска и одговорност да го заврши тоа, а ние да направиме нешто што можеби не е предвидено во нивните планови, туку е само еден плус во целата таа слика како треба да изгледа еден студентски дом“, додава Темелковски.

Просторијата за дружење во студентскиот дом „Пелагонија“ се наоѓа на приземје. Преостанатиот дел од планираниот инвентар ќе пристигне деновиве, но веќе е отворена за користење од страна на студентите сместени во домот.