„Студентски пленум“ го поддржува маршот на средношколците и в четврток истовремено ќе одржи студентски марш, кој ќе почне во 12 часот на платото на УКИМ, а потоа ќе се упатат кон Владата. Таму ќе се сретнат со средношколците и заедно ќе маршираат кон Министерството за образование и наука.

– Ѝ порачуваме на власта конечно да ја напушти позицијата на сила како аргумент во дебата и во креирањето политики во образованието и надвор од него. „Студентски пленум“ исто така се сеќава како бевме етикетирани, шиканирани, стигматизирани и ставани во контекст на различни партиски активности. Очигледно е дека власта не може да научи од сопствените грешки. Токму затоа студентите нема да бидат мирни и стојат цврсто и гордо во поддршка за нашите колеги средношколци, онака како што тие нè поддржа нас. Ве потсетуваме, господине министре, дека се соочувате со најсплотените генерации кои не само што знаат кои се нивните права, туку и ќе го урнат ѕидот на наметнатите поликтики – вели Христијан Поп-Симонов од „Студентски пленум“.