fbpx

„Студентски пленум“: Ние имаме само една книшка, тоа е индексот

-

Уморни сме од оваа излишна реторика, која се обидува да даде партиска конотација на иницијативата и со тоа да ја делегетимира. „Студентски пленум“ ќе настојува да го врати нивото на академскиот дискурс, кој се базира на критичност и на аналитичност, а не на лични дисквалификации и на етикетирање, реагираат од оваа студентска организација.

Пленумот, се вели во соопштението испратено до медиумите, од самите почетоци, посочува дека е политички чинител, но не и партиски инструмент. Во оваа иницијатива има место за секој што се грижи за квалитетот на високото образование и сака да придонесе за негово унапредување.
„За жал, државните институции повторно покажаа дека не се подготвени да се справат со конструктивна критика и се обидуваат да ги делигитимираат активностите на пленумот, на начин кој не ѝ прилега на една политичка структура. Повторуваме, „Студентски пленум“ не е инструиран од ниедна опозициска партија или други видови на политички организации. И, конечно, ако ја напуштиме реториката на меѓупартискиот конфликт и ако се сконцентрираме на проблематиката, ќе воочиме дека оваа мерка претрпе суштински промени.  Очигледно е дека институциите го прифатија нашиот аргумент дека со неможноста да се продолжат студиите, се ограничува правото на образование на студентот, инаку немаше да се повлечат од нивната првична намера и да воведат можност да се полага испитот неограничен број пати. Тука, всушност, излегува на виделина неконзистентноста во целите на оваа мерка: она што на почетокот беше најавено како обид да „се исклучат од системот послабите студенти“ (Адеми, „24 Вести“) стана обид да се изземат точките на отпор кај студентите, без да се признае дека самата мерка нема да придонесе за подобро образование“, соопштуваат од „Студентски пленум“.

Во исто време, велат оттаму, примената на мерката се одложи до 2017 година, и со тоа се амнестираа четири генерации студенти, што е свесен обид да се демотивира оваа критична маса. Меѓутоа, како студенти – партнери во високото образование (а не корисници), ние не сме амнестирани од одговорноста за тоа какво образование ќе им оставиме во аманет на генерациите што доаѓаат.

„Понатаму, немањето на јасен модел и прецизна дефиниција што доведе до терминолошка нејасност (екстерно тестирање или државен испит), е вина единствено на МОН, како ресорно тело во чија надлежност е предложената реформа. Апелираме до владините претставници да не ја сведуваат дебатата на игра на зборови, туку истата да се насочи кон суштинска дискусија за начините на подобрување на квалитетот во високото образование. Во однос на серијата на изјави на премиерот, повторно е евидентен недостиг од релевантни анализи за тоа каде и како потфрлува високото образование, информации кои се од есенцијална важност за мерка од ваков калибар. Истакнуваме дека предлог-реформата беше изменета ненајавено, без никаква консултација на засегнатите страни, иако неколкупати беше истакнато дека мерката е во фаза на јавна дебата. За појаснување, под јавна дебата „Студенски пленум“ подразбира дискусија за потенцијални начини на подобрување на високото образование, а не модалитети на мерката екстерно тестирање/државен испит“, велат од Студентски пленум“.

На пример, според Законот за високо образование, се вели подолу во соопштението, државата е онаа која што дава акредитација за работа на универзитет/факултет/програма. Штом е проценето дека универзитетот ги исполнува критериумите за акредитација, како од него може да излегуваат неквалитетни студенти?

„Најголем дел од споменатите проблеми во високото образование може да се решат со доследна примена на законските и на подзаконските акти во делот на акредитација, што е еден од механизмите за осигурување на квалитет. За разлика од акредитацијата, државниот испит е насочен кон симптомот, а не кон болеста на високото образование. Таа целиот товар го префрла на грбот на студентот, а ги игнорира факторите што влијаат на квалитетот. Конечно, би сакале делумно да се сложиме со премиерот кога вели „политиката ги извади студентите на улица“. Точно, но владината политика во високото образование нѐ извади на улица! И доколку не се направи напор за конструктивна дискусија и оваа мерка не се повлече, ние повторно ќе бидеме на улица!“, се заклучива во соопштението од „Студентски пленум“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...