Студентите од неформалната студентска организација „Студентски пленум“ си заминаа по два часа чекање пред Министерството за образование, каде зад затворени врати министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми, и заменик-министерот, Спиро Ристовски, имаа работна средба со деканите на педагошките факултети.
Средбата беше префрлена во последен момент, па наместо најавената јавна дебата по повод предложените предлог-закони која беше првично закажана на Педагошкиот факултет, се одржа само работен состанок во просториите на Министерството за образование.
Студентите, револтирани зашто локацијата во последен момент беше променета и зашто не беа воопшто поканети ниту инфромирани за дебатата, го запрашаа министерот Адеми кога ќе го слушне нивното мислење како најзасегната страна.
– Го прашуваме министерот дали го слушна гласот на 10.000 студенти? Го прашуваме министерот кога планира да се сретне со нас, студентите? Кога планира да ни одговoри на нашите барања, на нашите аргументирани ставови и на нашите писма поднесени до институциите? Она што го прават овде е сосема нелигитимно и нè тераат да дејствуваме вонинституционално. Доколку државниот испит е навистина мерка за која што Владата вели дека ќе го подобри квалитетот на образованието, како и со кои аргументи нè убедија? Тие во ниту еден момент не излегоа со анализа за проблемите во образованието и не објаснија како оваа мерка ќе помогне во подигнување на квалитетот на образованието – рече Дарко Малиновски од „Студентски пленум“.