fbpx

„Студентски пленум“: Колку повеќе нè има, толку е потешко да нè заокружат!

-

„На 10 декември, кој воедно е и Меѓународен ден на човекови права, ве повикуваме на втор студентски марш против необмислените реформи во високото образование. Студентскиот марш ќе се случи на 10 декември 2014 година, среда, со почеток во 12 часот. За збирно место е избрано платото на УКИМ“, се вели во соопштението на „Студентски пленум“.

„Маршот е неопходност во времиња кога институциите не нѐ слушаат ако не сме на улица. Во времиња кога структурите на моќ почнуваат да се грижат за своите интереси, наместо за нашите, кога надлежните одбиваат да разговараат со нас, кога на револтот се одговара со молк, не само што имаме легитимно право, имаме и неизбежна должност да реагираме. Во такви времиња, во право сте, премиере, наша работа е да протестираме. Време е повторно да ја освоиме слободата, да го скршиме молкот, да го покажеме незадоволството. Време е да го оттргнеме политичкото од штабовите и да го изнесеме на улица. Политичкото не им припаѓа единствено на партиите и на книшките, политичкото ни припаѓа нам, му припаѓа на општеството“, стои во соопштението.

Од „Студентски пленум“, како што велат понатаму во своето соопштение, се гневни зашто државните институции покажале непрофесионалност во осмислувањето на реформите во високото образование и затоа што се инаетливи, суетни, недемократски.

„Гневни сме што наместо аналитички пристап кон развојот и унапредувањето на високото образование, вакви изнасилени измени во законската рамка се внесувале дури 12 пати во последните шест години. Постои историја на игнорирани протести и побуни на академската јавност и наметнување моќ од страна на надлежните. Да не дозволиме тоа повторно да се случи. Не плашете се од етикетирање, кога нѐ етикетираат знаеме дека сме погодиле во сржта, каде нема како поинаку да се бранат. На наша страна се правото, критичното размислување и легитимитетот да бараме да бидеме сослушани. Да покажеме дека студентите не се пасивизирана маса, чија единствена цел е стигнување до парчето хартија наречено диплома, туку дека се свесни и активни чинители на едно општество и не дозволуваат да бидат обесправени!“, стои во соопштението.

Оттму велат дека овој марш е наднационален, надетнички, надрелигиски, апартиски и апелираат да биде мирен и да не се истакнуваат национални и партиски симболи.

„Студентски пленум“ смета дека образованието е факел на општеството што се предава од една на друга генерација и оттаму тоа ги засега сите.

„Затоа граѓани: приклучете се! На маршот повикуваме секој да маршира како индивидуа – дозволена е само единствената значајна книшка – индексот! Студенти, донесете ги индексите! И знајте го ова: колку повеќе нѐ има, толку потешко е да нѐ заокружат!“, се вели во соопштението.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...