Изградбата на објектите за Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство и за Факултетот за физичка култура е неопходна затоа што студентите студираат во нечовечки услови. Но, сепак, се поставува прашањето дали овие факултети мораше да се изградат баш на оваа локација, сметаат претставниците на „Студентски пленум“.
– Освен тоа што се исекоа 47 дрвја, има и други нелогичности околу изградбата на овие објекти. Има најмалку три локации каде што можат да бидат изградени овие објкети. На едната локација, спроти Природно-математичкиот факултет, сè уште стои камен-темелникот што го постави поранешниот претседател на Македонија, Борис Трајковски. Локации предвидени за овие факултети има и спроти Факултетот за драмски уметности и на самото место на Факултетот за физичка култура. Поради тоа се сомневаме дека овие локации ќе бидат искористени за нечии приватни цели – изјави Ѓорѓи Рајчиновски.
Тој рече дека „Студентски пленум“ бара ректорот на УКИМ, Велимир Стојковски, до четврток да свика седница на Сенатот, да се разговара за оваа тема и да поднесе одговорност за нетранспарентното работење.
Кирил Дончев од младинската организација „Мугра“ изјави дека доколку до четврток не се свика седница на Сенатот, сите опции се во игра, а за тоа ќе одлучуваат дополнително.
Инаку и денеска на простоторт на УКИМ интензивно се работи на изградбата на новите барокни згради за факултетите ФИНКИ и ФФК.