Бесплатниот студентски превоз, кој пред неколку дена го најави премиерот Никола Груевски, е добредојдена мерка, но според моментот на најавување, сметаме дека е злоупотреба за предизборни цели, велат од „Студентски пленум“.

– Мораме да кажеме дека оваа мерка е добредојдена, во место како Македонија каде што има 50 отсто младинска невработеност. Тоа е своевидно олеснување на животот на студентите. Меѓутоа, мораме да го коментираме и моментот во кој се најавува оваа мерка, затоа што сметаме дека е злоупотреба за предизборни цели – вели Дарко Малиновски од „Студентски пленум“.

Студентите велат дека ќе се борат против изградбата на двете нови згради на ФИНКИ во барокен стил, за кои велат дека ќе се градат без одлука на сенатот, но и дека самата локација е проблематична бидејќи кампусот нема капацитет за уште неколку илјади студенти.

Од „Студентски пленум“ велат дека еден од најголемите нивни проблеми е Студентскиот парламент, кој една година работи со истечен мандат и затоа не е легитимен студентски претставник.

– Се надеваме дека заедно со универзитетската управа ќе најдеме решение за конечно да добиеме легални и легитимни претставници на факултетите. Значи, бараме институционална соработка, а доколку таква нема, тогаш ќе одиме и кон вонинституционални мерки – додава Малиновски.

Од утре до недела на платото на УКИМ ќе се одржи „Ад хок фестивал“, мултимедијален настан на кој ќе настапат повеќе музички групи, а ќе бидат организирани алтернативни предавања, работилници и изложби.