„Студентска музичка пролет“ – пет години култура на универзитетите

фото: Студентска музичка пролет / Фејсбук

Во тек е петтото издание на „Студентска музичка пролет“ – манифестација што изминативе години придонесува кон збогатување на културниот живот на студентите преку организирање на онлајн настани, но и концерти и дебати на самите универзитети.

Годинава јубилејното издание беше отворено на 11 април со гостинско предавање за танцот во македонскиот фрескоживопис, за кој зборуваше професорката Соња Здравковска-Џепароска. Дел од „Студентската музичка пролет“ беше и доктор Хајди Харт, интердисциплинарна истражувачка, професорка и кураторка во Институтот „Сикстиејт“ во Копенхаген, која зборуваше на тема „Правење музика додека светот гори“. Манифестацијата е предвидено да трае до 28 април.

Организатори на целиот настан се професорките Ивана Трајаноска од Универзитетот „Американ Колеџ“ – Скопје и Мира Беќар од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ). Трајаноска за „Мета.мк“ вели дека нивна цел е да им ги доближат на студентите македонските уметници и интердисциплинарните истражувачи и да им ги претстават современите текови во интердисциплинарните истражувања во светот.

„СМП се стреми да ги поттикне студентите да бидат активни учесници и во културниот живот во земјата, но и самите да спроведуваат индердисциплинарни истражувања со фокус на уметностите и другите научни дисциплини. „Студентска музичка пролет“ се темели на три столба – настани од културата како кратки концерти, рецитали, перформанси и проекции; гостински предавања и работилници од домашни и странски интердисциплинарни истражувачи и уметници; студентска дебата и трибина кои овозможуваат активна вклученост на студентите и нивно вмрежување, како и развивање на критичко и аналитичко мислење. Наша крајна цел е студентите да го разберат значењето на уметностите и културата на лично, научно и општествено ниво“, вели Трајаноска.

Во однос на интересот на младите за следење на современите текови во културата, Трајаноска вели дека нејзиниот впечаток е сличен со неколку неодамнешни студии, кои покажуваат дека младите во земјава поретко посетуваат настани од културата.

„Би додала дека дали студентите посетуваат настани од културата зависи и од тоа што студираат и кој е нивниот фокус во студирањето, од кои средини доаѓаат, какви можности имале и слично. Исто така, нашиот целокупен образовен систем не би можела да кажам дека како стратешка определба ја има интердисциплинарноста, што е неопходно за младите да ја разберат, ценат и сакаат културата и уметноста“, смета Трајаноска.

Професорката додава дека настани од културата има, но навиките за посетување на вакви настани треба да се создаваат од рана возраст.

„Врските помеѓу културата и општеството треба да се разгледуваат и да се проникнуваат во секој стадиум на формалниот образовен процес за да имаме потоа и соодветна институционална поддршка на културата од државата, но и поддршка од деловниот сектор кој ќе знае зошто ѝ е неопходен на културата и како заемно да се надополнуваат“, додава Трајаноска.

Годинешното издание на „Студентска музичка пролет“ е хибридно – дел од настаните се одржуваат онлајн со цел да можат да присуствуваат што повеќе студенти од сите универзитети во земјата, додека дел се одржуваат во просториите на Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.

Како дел од настанот, студентите можеа да го проследат и концертот на мултиинструменталистот Мухамед Ибрахими, како и на балерината и кореографка Ивана Коцевска, која зборуваше за тоа како настанува едно танцово дело.

Утре со почеток во 11 часот ќе се одржи предавање и музички перформанс на концертната пијанистка и професорка на Факултетот за музички уметности Ема Попивода, додека на 27 април е закажана студентската дебата со Гаро Тавитјан за музичкиот менаџмент. Настанот ќе биде затворен на 28 април со претставување на млади и помалку афирмирани автори и студенти.

Целата програма на „Студентската музичка пролет“ може да се најде на страницата на настанот на Фејсбук.

Трајаноска вели дека како организаторка е среќна што овозможиле СМП да прерасне во настан кој јавноста го препознава и кој студтените го чекаат напролет.

Овогодинешното издание е поддржано од Министерството за култура, како и од Универзитетот „Американ Колеџ“ во Скопје.