Студентката Евгенија Дивитарова изработува ЦНЦ машини со кои направи над 300 заштитни визири

Фото: Евгенија Дивитарова и нејзина изработка од машините кои таа ги произведува / Фото: Лична архива

Деветнаесетгодишната студентка Евгенија Дивитарова од Битола која изработува ЦНЦ машини, неодамна го освои второто место на 41. Меѓународен натпревар за иновации – Макинова, кој го организираше Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија и Народна техника. Минатата недела таа го доби и второто место во категоријата Автоматика и роботика на овогодинешниот државен натпревар на млади истражувачи од Македонија на учесниците од Пелагонискиот регион.

Токму овие ЦНЦ машини, кои Дивитарова сама ги изработува, ги искористила со нив да направи заштитни визири за заштита од заразата со корона вирусот и истите да ги донира на оние што се во првите борбени линии со вирусот.

„Видов во неколку групи каде што се бараше помош за изработка на визири и решив да помогнам колку што можам со цел да се заштитат оние кои се на „прва линија“, оние на кои им се неопходни визири за секојдневно извршување на обврските како: здравствените работници, фармацевтите, институциите каде што имаат директен контакт со луѓе. Донацијата беше за Битола, но се пријавија и луѓе од неколку други градови, нив визирите им ги доставував преку карго пошта“ вели за „Мета.мк“ Дивитарова, која посочува дека побарувачката и доставата одела по принципот на објавување линк каде се пополнувал формулар со податоци, а потоа таа ја вршела доставата.

Досега изработила над 300 визири, но поради зголемениот број на заразени и обврските околу факултет во моментов не произведува визири. Доколку некому му е потребен еден визир, го изработува, никогаш не одбива, вели таа.

Освен за заштитните визири во текот на пандемијата, Дивитарова машините што сама ги произведува, истите ги користи за изработка на различни дела, најчесто за лични потреби. Како што вели таа, ЦНЦ машините имаат широка примена и се користат во индустријата за гравирање, сечење, обликување на некои материјали, исто така почнува да се користат во училиштата, малите бизниси и кај хобистите.

 „ЦНЦ машина (Computer numerical control) претставува машина со нумеричка контрола на алатки, која обработува парче материјал (пластика, дрво и др.) за да ги исполни спецификациите со следење на кодирана инструкција. Овие машини им ја олеснуваат работата на луѓето и оние работи кои не можат да се изработат со традиционалните техники и алати, бидејќи со ваков тип машина, истите можат да се изработат со голема прецизност, лесно прилагодување и нагласеност на ситните детали“ појаснува Дивитарова.

Пример како се одвива еден процес на изработка на производ од ЦНЦ машината и добиениот краен продукт / Фото: Лична архива на Евгенија Дивитарова, сликата е објавена со дозвола на Дивитарова

На младата студентка, изработката на една машина во домашни услови, во зависност од функцијата и сложеноста ѝ одзема околу 3 до 4 месеци и потоа низ текот на работниот процес, истата ја надоградува.

Машините ги изработува сама, со делови кои дел ги нарачува од интернет, а со дел импровизира бидејќи како што вели, оние што може да се најдат во државата се многу поскапи.

„Деловите најчесто ги порачувам од Аliexpress, најчесто оние делови кои се потребни за придвижување, управување, но доколку некој елемент може да се изработи пробувам дома да импровизирам, да направам нешто слично бидејќи секако поради ковид пандемијата пратките од интернет не стигнуваат“ додава студентката.

Дивитарова уште во основно образование почнала да се натпреварува во бродомоделарство, каде има освоено награди, меѓу која и државен првак.

„Кога преминав во средно образование ја немаше таа област и сакав да се насочам кон смерот електротехничар за компјутерска техника и автоматика што го учев во техничко училиште. Овие машини се доста сложени за изработка и на тој начин си зададов голем предизвик, кој на крај успеав да го реализирам“ вели студентката, на која најголемо задоволство ѝ претставува моментот кога ќе го добие финалниот производ и ќе се увери дека по напорниот процес, на крајот успешно е завршена работата.

Како што вели Дивитарова, иако има добиено многу награди во различни области и натпревари кои се на државно ниво, меѓу кои наградата за талентиран ученик, најдобро кариерно портфолио од средни училишта во С.Македонија, златна плакета, млад иноватор итн., не може да издвои една која и е најдрага бидејќи секоја од нив има посебно значење.

По завршувањето на студиите за информатички науки и комуникациско инженерство при Факултетот за информатичко-комуникациски технологии во Битола, Дивитарова се надева дека ќе се вработи во струката која и ја студира, со цел и понатаму да се занимава со ЦНЦ машините.