Студентка донираше новогодишни пакетчиња на учениците на „Д-р Златан Сремец“

Фото: Анастасија Андреевска
Анастасија Андреевска е млада студентка која во петокот ги израдува учениците од ОУРЦ “Д-р Златан Сремец” донирајќи им новогодишни пакетчиња, собрани преку инцијатива за хуманитарна акција што ја започнала пред две недели на своите профили на социјалните мрежи.
„Свесна сум дека има многу дечиња кои за жал имаат потежок живот и тажни судбини. Деновите пред Нова година за секој човек, а најмногу за децата, се исполнети со многу среќа и радост. За мене најголем мотив и подарок е кога гледам насмеани и среќни лица и затоа ја организирав оваа хуманитарна акција. Решив да ја искористам моќта и влијанието на социјалните мрежи и апелот го споделив на моите профили на инстаграм и Фејсбук“, вели Анастасија.

Акцијата во која биле собрани над 150 пакетчиња ја организирала самостојно и, како што вели, пријатно е изненадена што за толку кратко време кон иницијативата се приклучиле голем број луѓе.
 „Со здружени сили израдувавме многу деца и овој успех ни е заеднички. Ме радува тоа што има уште време останато до Нова година, па очекувам уште донации, особено зашто веќе има и неколку кои се најавија. Се надевам дека и понатаму заедно ќе организираме уште многу акции и ќе подаруваме малку среќа“, споделува младата студентка.
Фото: Анастасија Андреевска
Останатите пакети се наменети за децата од социјално загрозените семејства.
Фото: Анастасија Андреевска
„Бидете хумани, бидете општествено одговорни личности, помагајте секогаш кога ќе можете. Откажете се барем еднаш во месецот од средствата кои би ги потрошиле за едно излегување во клуб, кафетерија, ресторан и донирајте ги на некој кој навистина нема, бидејќи голем е бројот на луѓето што имаат потреба од помош“, порачува Анастасија.
Анастасија е прва година на Факултетот за електротхеника и информациски технологии. Досега се вклучила во бројни хуманитарни акции со донирање на храна, облека, училиштен прибор, парични средства.
Според неа, секогаш може повеќе да се помогне доколу се вклучат поголем број луѓе, а нејзините мотиви да организира самостојна акција потекнуваат од хуманите луѓе кои ја опкружуваат.
Првата акција ја организирала во мај под мотото #подарималкусреќа🍀 во која биле собрани повеќе од 70 пакети со храна и средства за лична хигиена што подоцна биле донирани на семејства од ранливи категории на територијата на Карпош и околните населби.