Студентите стоматолози бесплатно ќе лекуваат граѓани од ранливите категории

Фото: Црвен Крст на град Скопје

Студентите од Стоматолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ бесплатно ќе ги лекуваат пациентите од ранливите категории, за кои се грижи Црвениот крст на град Скопје.

Како што соопштија од Црвениот крст, студентите овие бесплатни прегледи и интервенции ќе ги реализираат под надзор на наставниот кадар.

„Во оваа фаза, од базата на корисници на Црвен крст на град Скопје, ќе бидат селектирани лица кои ќе ги користат споменатите услуги“, наведено е во соопштението.

Според Црвениот крст, со континуирана поддршка на ранливите корисници во текот на целата година, ќе се придонесе за навремена превенција од стоматолошки заболувања, подигнување на јавната свест во насока на грижа за оралното здравје и навремено идентификување и намалување на ранливоста на истите.

Со потпишување на Меморандумот за соработка помеѓу Црвениот крст на Република Северна Македонија-Црвен крст на град Скопје и Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје Стоматолошки факултет – Скопје, двете институции ќе ја зајакнат соработката во областа на грижа за ранливи категории корисници.