Студентите што користат стипендии од утре ќе можат да ги продолжат истите

фото: www.mon.gov.mk

Министерството за образование и наука (МОН) извести дека сите корисници на правото на студентска стипендија остварено во некоја од изминатите академски години, а кои ги исполнуваат договорните услови за продолжување на ова право, ќе можат истите да ги продолжат почнувајќи од утре.

Корисникот на стипендија треба да достави Потврда за запишан нареден семестар, односно година на студирање, Уверение за положени испити со успех од претходните години, како и УППИ образец за предвидени и положени испити со успех од претходните години, како доказ дека има положено 80 отсто, односно 90 отсто од предвидените испити и дека го одржал просечниот успех на студирање, согласно договорот.

Документите се доставуваат електронски со прикачување на интернет-страницата „е-услуги“ на МОН.

Рокот за достава на документите е 30 октомври, а за било какви информации или прашања студентите можат да се обратат на електронската адреса [email protected].

Инаку, во моментов сѐ уште не е познато дали Министерството за образование ќе го зголеми износот на стипендиите на 6.050 денари и за оние студенти кои треба да ги продолжат пониските стипендии.

Мета.мк објави дека по задолжување на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), МОН прифатило изедначување на стипендиите за сите студенти, но до овој момент ваква одлука не е соопштена од страна на Министерството за образование.