Протестите продолжуваат, студентите нема да се откажат, ниту по отворената седница на Владата на која едногласно се донесе одлуката да се воведе државниот испит, односно предлог-законските измени за образованието. Од „Студентски пленум“ велат дека нема да отстапат од нивните барања да не се воведе државниот испит и дека најверојатно повторно ќе излезат на протест.
– Револтирани сме од скандалозната одлука на Владата затоа што без консултации и без транспарентна јавна дебата ја донесе одлуката. Револтирани сме што не беа земени предвид мислењата на релевантни професори и на факултети кои беа против воведување на оваа мерка. Најверојатно наскоро повторно ќе излеземе на протест – велат од „Студентски пленум“.
Забелешки за игнорирањето од Владата изнесоа и некои професори. На својот фејсбук-профил професорката Билјана Ванковска напиша:
„Одиме понатаму… Го усвоија законот на Влада, а ние треба да одиме во неформална јавна расправа?! Нè сметаат за идиоти, ама се лажат! Нино лаже кога вели дека сме му штрајкувале и нему – досега немало штрајк, ама ако сакаат, ќе имаат! Знаете, по преносот на седницата на Владата, глава не можам да кренам од пред компјутер – постојано стасуваат потписи од професори од дома и од странство. Тие одат понатаму, ама и ние!“
Реакција имаше и професорот од ПМФ, Ивица Милевски.
„Некои професори дури и отворено си кажуваат дека не ги засега многу затоа што за неколку или пет-десет години ќе оделе во пензија. Па добро, а децата? А иднината нивна? А младите во оваа држава? Нема да е чудно идните месеци, самите професори да почнат меѓусебно да се пресметуваат, а Адеми и Спирчо да си гледаат ријалити трагикомедија шоу.“
„Студентски пленум“ денеска ќе ги поддржи протестите на хонорарците затоа што велат дека тоа законско решение ги опфаќа и нив.
„Измените на законот за придонеси на Владата на Република Македонија го засегаат и македонскиот студент (и пошироко, секој оној кој е во некаков работен однос во Македонија). Со менување на законот за придонеси, голем број студенти ќе бидат на удар и маката на тие студенти коишто работат на договор на дело или добиваат некакви симболични хонорари ќе се зголеми. Во услови на голема невработеност и тешко доаѓање до работа и хонорар и со оглед на крајно лошата социјална положба на многу студенти, овие измени ќе ги докусурат студентите со дополнителни плаќања кон државата. Затоа, на протест! Студенти сме извесно време, граѓани сме до смртта. На општеството не му го должиме само нашиот студентски ангажман, туку и нашата граѓанска свест. „Студентски пленум“ го поддржува протестот против предлог-измените на законот за придонеси. Пленумци и пленумки ќе бидат на улиците, како хонорарци, идни хонорарци, како вработени и совесни граѓани“- стои во нивната објава.