„Оставка“, „Почитувајте го Законот за јазиците“, „Стоп на институционалната дискриминација“, „Не негирајте едно стекнато право“, „Кога законот молчи, ние зборуваме“, „ Error 404“, „Законот за јазиците е јасен“. Ова беа само дел од транспарентите што ги држеа студентите и учесниците на протестот на кој студентите Албанци побараа да можат да го полагаат правосудниот испит на мајчин јазик, пишува Порталб во написот кој го пренесуваме во целост во продолжение.
Протестниот марш започна пред Камениот мост и заврши пред Министерството за правда, каде што студентите побараа оставка од министерот за правда, Игор Филков.
Што рекоа студентите на протестот?
Еден од организаторите на протестот, Мевлан Адеми, рече дека студентите нема да се откажат сè додека нема правда за нив бидејќи „нема еднаквост без албанскиот јазик“.
„Филков, законот кажува јасно, законот зборува на албански јазик. Албанскиот јазик е службен јазик и мора да го почитувате. Уште еднаш ти велиме, да не се среќаваме повторно тука. Почитувајте го законот, дозволи полагање на испитот на албански јазик“, рече Адеми.
Студентот Јон Селими рече дека на студентите Албанци не треба да им се негираат правата загарантирани со закон.
„Овој закон зборува јасно, не требаат никакви измени, усогласувања или нови иницијативи, туку само волја за негово спроведување, каков што е. Нашето барање е едноставно. Спроведување на законот, ништо повеќе и ништо помалку“, рече Селими.
Бесар Сејдиу рече дека студентите бараат спроведување на Уставот и законите.
„Ова одложување е обид да ни се негира право кое ни е негирано со години. Албанскиот јазик е службен, не е предмет на преговори. Ние ќе бидеме тука, вие спроведувајте го Уставот и законот“, рече Сејдиу.
Бесјан Реџепи рече дека протестот не е против никого, туку повик за почитување на правдата.
„Ова не е протест против некого, туку е повик за правда, еднаквост и почитување на нашиот академски и професионален процес. Нашето барање е јасно и конкретно“, рече Реџепи.
По протестот студентите уште еднаш официјално го поднесоа своето барање да им се дозволи полагање на правосудниот испит на албански јазик, во согласност со Уставот и Законот за употреба на јазиците.
Реакција на Министерството за правда
Но, од Министерството за правда и понатаму инсистираат дека испитот не може да се полага на албански јазик. Во еден нивен одговор од оваа институција велат дека го почитуваат правото на протест, но заклучуваат дека протестот на студентите покажа обид за манипулација со граѓаните од страна на политичките структури кои повеќе од две децении директно учествуваат во создавањето на лоши услови во судскиот систем.
„Во тој контекст евидентно е и отсуството на користење на државни обележја на денешниот протест што дополнително упатува на демократскиот капацитет на организаторите и нивниот однос кон државата и уставниот поредок“, велат од Министерството за правда.
Што се однесува до барањата за полагање на правосудниот испит, од Министерството за правда уште еднаш нагласија дека „станува збор за стручен испит кој не е административна постапка, туку механизам за обезбедување на квалитет и професионализам во судскиот систем“.
„Министерството за правда останува отворено за конструктивен дијалог со сите засегнати страни и внимателно ги разгледува сите иницијативи и предлози, исклучиво во рамки на законските надлежности. Наш приоритет останува јакнењето на правниот поредок и воспоставување на фер, транспарентен и квалитетен систем на стручна евалуација, ослободен од политички влијанија. Нема да дозволиме никаква злоупотреба на Уставот и законите“, соопштија од Министерството за правда.
Реакции во јавноста
Организаторите на протестот претходно беа повикани во полиција на информативен разговор.
Протестот доби поддршка и од поединци, службени лица и други здруженија од Македонија, Албанија и Косово. Но, тој предизвика и судири меѓу двата албански политички блока во Македонија, ВЛЕН и ДУИ.
Премиерот Христијан Мицкоски, ги увери студентите дека ќе најде решение за нив, апелирајќи до нив да не стануваат алатки на ДУИ.
„Им гарантирам на студентите дека како што се пронајдени многу решенија за многу предизвици и многу пропусти од минатото, така ќе се најде соодветно решение и за ова. Мислам дека тие веќе го знаат тоа и апелирам да не си дозволат да бидат алатки во рацете на политичка партија која сè уште живее во сеќавањата на минатото, односно во минатиот век“, рече Мицкоски на 5 април.
Од друга страна, портпаролката на ДУИ, Арта Биљали Зендели, изјави дека гаранциите за правата важат само за време на кампања.
„Гаранциите за правата очигледно важат само за време на кампањата. По кампањата нивниот глас не се слуша, но гласот на студентите не запира пред дискриминацијата, ароганцијата и мајоризацијата. Денес, студентите се на патот кон достоинство“, рече Биљали Зендели.
Еден од лидерите на ВЛЕН, Изет Меџити, изјави дека политиката за јазикот во Северна Македонија, за жал, е регулирана со половичен закон.
„Половичните закони даваат половични решенија. Затоа протестот е повик за свесност за сите политички и општествени чинители кои мора да придонесат за подобри законски решенија и долгорочни институционални политики во земјата. Наместо политизација, повикувам на свесност, затоа што студентските протести секогаш се аларм за општествени феномени со кои политичките структури имаат обврска да ги третираат во целост“, рече Meџити.
Хронологија на настаните
Во последно време се крена голема врева по прашањето за правосудниот испит на албански јазик откако 385 студенти Албанци од три правни факултети (УТ, УЈИЕ, УНТ) во Северна Македонија преку петиција побараа од институциите правосудниот испит да се полага и на албански јазик, на јазикот на кој ги завршуваат студиите, бидејќи како што велат, тоа е нивно право кое им следува со закон.
Во Законот за правосудниот испит не постои законска одредба во која се наведува дека овој испит може да се полага само на македонски јазик.
Во член 2 пак од Законот за употреба на јазиците се вели дека „државните институции мора да овозможат употреба на други службени јазици што ги зборуваат најмалку 20% од граѓаните“.
Во член 2 и 5 од овој Закон се вели дека „институциите се должни да овозможат употреба на албанскиот јазик во сите постапки пред судовите и другите државни органи“. Ова значи дека ако Законот за правосудниот испит не го ограничува спроведувањето на овој испит само на македонски јазик, тој треба да се овозможи и на албански јазик.
Во меѓувреме, Инспекторатот за употреба на јазиците, по извршена вонредна инспекција го опомена Министерството за правда на чело со Игор Филов дека не овозможиле правосудниот испит да се одржи на албански јазик и покрај законската и уставната обврска. Но, од Министерството оваа инспекција ја сметаат за притисок и поднеле жалба на одлуката.
И Народниот правобранител, преку предметот што го отвори за ова прашање, излезе и со конкретен предлог до Владата во кој што бара преку Министерството за правда да се покрене постапка за измена на три закони: за правосудство, Нотаријат и Судски извршители, за да бидат усогласени со Законот за употреба на јазиците, за да може овој испит да се полага и на албански јазик.
Од Министерството за правда за Порталб изјавија дека доставиле одговор до Народниот правобранител во кој детално е објаснета постапката за полагање на правосуден испит, и дека правосудниот испит е стручен испит, а не административна постапка.
Премиерот Христијан Мицкоски иако изјави дека на студентите треба да им се овозможи да полагаат и на албански јазик, тој потоа рече дека сегашниот Закон не дозволува правосудниот испит да се полага на албански јазик и дека е спремен да го регулира, но одлуката ќе ја донесе Венецијанската комисија. На 4 мaрт во Собранието тој вети дека ќе се направат законски измени за да може испитот да се полага и на албански јазик.
Албанската опозиција првично достави предлог-закон со кој предлагаа правосудниот испит да се полага и на албански јазик, но подоцна го повлече со образложение дека доволно е да се спроведува само Законот за употреба на јазиците. Албанската опозиција, исто така, до Собранието достави и резолуција. Ова прашање предизвика дебата и политички судири меѓу партиите на власт и опозицијата.
Eкспертите и граѓанското општество оценуваат дека испитот на албански јазик не претставува ризик и треба да ја одразува демографската реалност.
Предлог-законот со кој ќе се овозможи правосудниот испит да се полага на албански јазик беше изготвен во 2024 година од Министерството за правда, но со промената на парламентарниот состав и новата Влада, тој беше тргнат од дневен ред на Собранието и воопшто не беше споменат од сегашната влада.
Законот за примена на јазиците стапи на сила во 2019 година. Оттогаш се сменети четири министри за правда, од Бојан Маричиќ, Никола Тупанчевски, Кренар Лога и актуелно министер за правда е Игор Филков. Во претходните години, и кога немаше министер Албанец, заменик-министерот беше Албанец.
Извор: Порталб.мк
