Четири дена пред крајот на годината, студентите во Скопје се оставени во неизвесност околу иднината на бесплатниот јавен превоз. Додека Владата најавува одлука за префрлање на средствата на 31 декември, од Јавното сообраќајно претпријетие Скопје (ЈСП Скопје) нема конкретни информации за тоа кога и како ќе се продолжи важноста на студентските билети. Ова може да значи дека од 1 јануари студентите ќе останат без бесплатен превоз на неодредено време.
Одлуката за продолжување на мерката зависи од соработката меѓу централната и локалната власт, но тековните препирки меѓу нив дополнително ја комплицираат ситуацијата. Без јасни насоки, студентите се ставени во позиција на жртви на политички натегања меѓу владејачката ВМРО-ДПМНЕ и скопската градоначалничка Данела Арсовска, која и самата беше кандидат поддржан од истата партија за градоначалничката функција, но подоцна се оддели и влезе во конфликт со партиското раководство.
Јавното сообраќајно претпријатие, од кое што зависи спроведувањето на мерката, сè уште не објавува кога студентите ќе можат да ги обноват своите картички. Ова создава загриженост дека дури и ако Владата ги префрли средствата во јануари, административните процедури и недоволната координација може да го одложат обновувањето на бесплатниот превоз.
Бесплатниот јавен превоз, кој се сметаше за еден од најзначајните начини на поддршка за студентскиот стандард, се претвора во заложник на меѓупартиските разлики. Останува нејасно дали надлежните ќе ја надминат оваа состојба и ќе ги стават интересите на студентите на прво место.
Владата најавува, ЈСП молчи
Од Владата за Мета.мк вчера рекоа дека одлуката за префрлање на средствата за ЈСП ќе ја донесат на владина седница во јануари, но по нашата објава и реакциите на студентите кои се доведени во неизвесност, Владата за други медиуми ја смени изјавата и експресно реши одлуката да ја донесе на седницата што ќе се одржи последниот ден од годинава – 31 декември.
„Во врска со Вашите прашања Ви посочуваме дека Владата преку Министерството за образование и наука, предвиде 120 милиони денари во буџетот за 2025 година. Со Одлука на Владата следниот месец, средствата ќе бидат префрлени на ЈСП. Со оваа Одлука Ве информираме дека студентите од Скопје ќе имаат бесплатен автобуски превоз за следната година“, стои во владиниот одговор даден вчера за Мета.мк.
Вечерта, пак, Сител телевизија пренесе изјава од Владата во која велат дека средствата ќе бидат префлрени „последниот ден од 2024 година“.
Ситуација на хаос и несигурност
И покрај ваквите изјави од Владата, студентите деновиве не можат да ја продолжат важноста на своите билети за бесплатен превоз за наредната календарска година. Картичките „Скопска“ секоја година се продолжуваат во декември, што не е случај и овој пат. Студенти за Мета.мк и денеска сведочат како во центрите за персонализација на ЈСП Скопје наидуваат на одбивање и добиваат одговор оти се чека „амин“ од надлежните за билетите да се продолжат.
Други студенти пак, за Мета.мк велат дека пред неколку дена успеале да ги продолжат своите билети и за следната календарска година. Оваа ситуација создава хаос и несигурност меѓу студентите, бидејќи недостасуваат јасни и унифицирани насоки од надлежните.
Мета.мк изминативе денови повеќе пати се обрати со прашања до ЈСП (последен пат утрово) за тоа дали студентите од 1 јануари ќе имаат бесплатен превоз и од кога и на кој начин ќе може да ги продолжат билетите.
Од ЈСП Скопје ниту еднаш не одговорија на нашите прашања. Неофицијално, Мета.мк дознава дека е неизвесно продолжувањето на мандатот на актуелниот директор на ЈСП Скопје, Драги Кушовски од страна на Град Скопје. Градоначалничката Арсовска во своето тригодишно раководење со Градот досега смени четири директори на ова претпријатие.
Целиот овој хаос се случува четири дена пред крајот на годината и претстојните празници, по кои стартуваат колоквиумските и испитните сесии на сите факултети во Скопје. Доколку нема јасни насоки до крајот на годинава, а студентите со непродолжени билети бидат казнувани во јануари, ќе се создаде дополнителен предизвик при што студентите среде испитите ќе треба да го решаваат проблемот и со картичките за јавен превоз.
Препирките на грбот на студентите се создаваат непосредно пред годината во која ќе се одржат нови локални избори.
Ова не е првпат студентите да се најдат во средина меѓу ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска. Скопската градоначалничка со месеци обвинува дека Владата му должи средства од 8 милиони евра на ЈСП Скопје, нешто што од Министерството за образование и наука (МОН) го негираат. Јавниот превоз во Скопје, пак, неколку пати беше парализиран поради блокади и протести на приватните превозници.
View this post on Instagram