Студентите од приватните универзитети изоставени од владината помош за младите

Фото: Архива на Мета.мк

Конференцијата на приватни високообразовни установи, во која членуваат седум приватни универзитети и три самостојни високи стручни школи, бара во најкус рок да се исправи Уредбата на Владата за финансиска поддршка на млади лица, кои се активни учесници во високото додипломско образование на Република Северна Македонија, односно редовни студенти на универзитетите основани во РСМ, бидејќи како што велат оттаму има директна дискриминација кон студентите кои студираат на приватните универзитети.

„Согласно наведената Уредба, финансиска помош можат да имаат само редовните студенти на државните високообразовни универзитети во земјата. Тоа значи дека приватните високообразовни установи се исклучуваат од можностите кои се нудат за финансиска поддршка на нивните студенти, со што во нерамноправна положба се ставаат не само приватните високообразовни установи, туку и сите студенти кои студираат на тие установи“, се вели во соопштението на Конференцијата на приватни високообразовни установи.

Тие бараат Уредбата да се измени и дополни со цел да бидат опфатени и студентите на приватните универзитети, односно сите студенти од земјава кои студираат на јавните и приватните универзитети и други високообразовни установи.

Барањето е доставено до Претседателот на државата, Министерството за образование и наука, Министерството за финансии и до средствата за информирање.

Со Уредбата предвидено е финансиска поддршка да добијат сите млади лица кои се државјани на земјава, со наполнети 16 години и не постари од 29 години на 22.5.2020 година, кои се активни учесници во формалното средно образование (средни училишта основани од РСМ, локалната самоуправа и градот Скопје) и високото додипломско образование на РСМ (редовни студенти на универзитети основани од РСМ), согласно со евиденцијата на Министерството за образование и наука. Младите лица, чиј број во согласност со ваквата владина статистика изнесува 87.014, ќе добијат еднократна помош од 3.000 денари.