За повеќе од 90 студенти, станари на студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје, нема директна автобуска линија до кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза“. Тие се принудени да користат линии кои се нередовни и со кои нивното патување станува предолго. Понекогаш воопшто и нема автобус и се принудени да пешачат или да дадат големи пари за такси. Студентите бараат од надлежните да најдат решение за оваа нивна мака бидејќи им предизвикува стрес, доцнења и нервоза. На нивниот повик се придружи и Форумот за промени во образованието. Иако свесен за проблемот, Универзитетот „Мајка Тереза“ има „врзани раце“ сè додека поради политичкиот инает во Советот на Град Скопје не се носат одлуки во најдобар интерес на студентите. Министерството за образование и наука се правда, пишува Порталб.мк во својата сторија која вклучува и видео.
Доцнат на предавања
Студентите на универзитетот „Мајка Тереза” за Порталб.мк ја изразија својата загриженост во врска со недостигот на превоз до универзитетскиот кампус.
Исмаил Муслију, студент во прва година, истакна дека поради недостигот од директни линии од студентскиот дом „Пелагонија“ до универзитетот „Мајка Тереза“, тие се принудени да пешачат или да се возат со автобус број 9, кој ги носи до „Џон Кенеди“ и оттаму пак да пешачат.
„Како што гледате автобусот со број 9 не доаѓа редовно, и истиот треба да го чекаме околу еден час и повторно сме принудени да пешачиме“, рече Муслију.
Студентот Флорин Ќерими, кој исто така е станар на студентскиот дом „Пелагонија“, рече дека поради нередовноста на автобусите често доцни на предавања, а и кога ќе пристигнат автобусите од втората станица тој повторно мора да оди пешки и така да губи многу време.
„Овој проблем трае со години. Бараме од надлежните институции подетално да ја разгледаат оваа работа за да се реши овој проблем и да се пуштат повеќе автобуси за студентите, особено на оваа линија“, рече Ќерими.
Студентот Бесим Нухиу истакнува дека поради недостигот на линии од „Бит Пазар“ до универзитетот мора да пешачи 3 километри.
„Еден од најголемите проблеми за нас студентите е патувањето од „Бит Пазар“ до универзитетот „Мајка Тереза“, каде има само две директни линии, но една од нив е укината, автобусот со број 20, кој воопшто не сообраќа, а автобусот број 17 доаѓа многу ретко и затоа сме принудени да пешачиме и до три километри, а тоа ни одзема многу време, околу 40 минути, што е губење време. Затоа бараме директна линија од „Пелагонија“ до универзитетот „Мајка Тереза“, рече Нухиу.
Итно бараат да се воведе директна линија од студентскиот дом до УМТ
Студентката Анеса Бакиу бара од институциите да воведат директна линија од студентскиот дом до универзитетот.
„Секојдневно сме принудени да пешачиме од Бит Пазар до факултетот, поради недостиг на автобуски линии, го нема и автобусот број 17, кој е единствениот автобус што минува овде. Бараме институциите да воведат директна линија од студентскиот дом „Пелагонија“ до универзитетот, бидејќи и нашите професори се револтирани поради секојдневните доцнења на предавањата“, рече Бакиу.
Студентката Резарта Исени нагласува дека немаат можност секој ден да се возат со такси.
„Принудени сме да патуваме со такси за да стигнеме на факултет, што е голем трошок за нас како студенти, не ни се исплаќа. Сакаме да имаме една линија од студентскиот дом „Пелагонија“ до нашиот факултет, што ќе ни го олесни доаѓањето на факултет“, рече Исени.
ФПО: Домовите имаат за цел да им го олеснат, а не да им го отежнат животот на студентите
Од Форумот за промени во образованието (ФПО), критикувајќи ги надлежните институции, нагласуваат дека идејата на студентските домови е да на студентите им се олесни патувањето до факултетот, а не да им биде уште потежок.
„Покрај финансискиот товар, што студентите плаќаат и за студентскиот дом и за превозот, тука е и стресот или психолошкиот товар што треба да го претрпат секое утро. Бараме да се преземат итни мерки. Замислете, студент треба да смени неколку автобуси за да стигне до факултет, најлогично би било воопшто да не живее во студентскиот дом, туку да остане во својата куќа во Куманово“, соопштија од ФПО.
УМT запознаен со проблемот, но немоќен да го реши
И професорите се информирани за проблемот со јавниот превоз што го имаат студентите на Универзитетот „Мајка Тереза“.
Порталб.мк разговараше со неколку од нив, тие се запознаени со проблемот и вознемиреноста на студентите, но не сакаат да зборуваат поопширно.
Од Ректоратот на универзитетот велат дека со нивното префрлање во новиот кампус се обиделе да го решат проблемот со превозот на студентите, но наишле на глуви уши кај надлежните институции.
„За нова автобуска (превозна) линија со која ќе се овозможи подобро и поадекватно движење, барање сме поднеле до Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје (ЈСП) и до Град Скопје, но до сега не сме добиле позитивен одговор“, велат од ректоратот на УМТ.
Оттаму додаваат дека притисокот врз надлежните институции ќе продолжи сè до позитивно завршување на ова прашање.
УМТ во јули минатата година достави барање до ЈСП како и до Град Скопје, но без позитивен одговор.
Порталб.мк ги обезбеди барањата поднесени од УМТ.
Од ЈСП по однос на оваа прашање одговорноста ја префрлаат на Град Скопје.
Последиците од хаосот во Град Скопје ги чувствуваат и студентите
Град Скопје, под чии ингеренции е ЈСП, нема волја да го реши овој проблем. За нив поважни се политичките инаетења во Советот од проблемите на студентите.
„Веќе три години власта и мнозинството ја има коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ. И за новите еколошки автобуси единствени кои можат да донесат одлука се советниците на Мицкоски кои веќе 23 пати не гласале за ова прашање, иако на сите им е јасно дека е недозволиво скопјани да чекаат автобус и по еден час на екстремни температури и недозволиво е учениците да немаат превоз“, велат од Град Скопје.
Од ЈСП не одговорија на новинарските прашања за овој проблем.
Министерството за образование и наука се правда
„Оние кои три години немаат предвидено средства во годишните буџети за оваа намена, и немаат ниту владина одлука да им префрлат пари на Град Скопје и ЈСП за бесплатен превоз на учениците. Новото раководство на Министерството за образование и наука наследи буџетски дефицит од 5 милијарди денари“, соопштија од МОН.
Од МОН потенцираа дека од следната година буџетот за образование значително ќе се зголеми, што значи дека ќе има повеќе средства за подобрување на стандардот на учениците.
Инаку, во октомври 2024 година по извршената ревизија на финансиските извештаи на ЈСП за изминатата година, Државниот орган за ревизија посочи дека Министерството за образование и наука две години не плаќало за бесплатен превоз на учениците. За секој поминат километар со автобусите на ЈСП Скопје се прават трошоци од два денари, а приход еден денар. Субвенцијата од Град Скопје во износ од повеќе од 673.000 денари не е доволна за компанијата да ги постигне стратешките цели за одржлив градски транспортен систем и развој на јавниот превоз во градот Скопје.